Параолимпиецот и поборник за лицата со попреченост Крис Холмс на 1 јуни на „Очи за еднаквост“

„Слеп е оној кој не може да ги види и почитува различностите меѓу луѓето, а не некој што преку ноќ го загубил видот. Слеп е оној кој нема сетило за солидарност, емпатија, правда и кохезија, а не оној кој нема сетило за вид“, се зборовите на Лордот Крис Холмс од Ричмонд, Британија, кој на 1 јуни во Скопје ќе учествува на настанот „Очи за еднаквост“.

Холмс е еден од првите парламентарци кој влезе со куче придружник во Горниот дом на Парламентот на Британија (House of Lords). Тој е еден од најуспешните параолимпијци во светот, познат како борец за социјална инклузија за лицата со попреченост.

„Лордот Крис Холмс конечно доаѓа во Скопје да ја сподели својата мотивирачка приказна, особено значајна за луѓето кои се откажале од себе си, или за луѓето со попреченост од кои општеството секојдневно се откажува“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права, организаторите на настанот.

Настанот на 1 јуни е предвиден од 12 до 14 часот во Младинскиот културен центар, каде за своите искуства во спортот во Република Македонија ќе говорат и параолимпиецот Бранимир Јовановски и Вангел Тркаљанов, кој се занимава со параглајдерство.

Пораки за инклузија, антидискриминација и правда ќе споделат и Чарлс Гарет, Британски амбасадор во Македонија и Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија. Модератор ќе биде Ана Јовковска.

Настанот е во рамки на проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите”, поддржан од Британската амбасада во Македонија.