Пар кој патува низ светот ги открива тајните зад совршените фотографии

Ако може да им се верува на спектакуларните фотографии на Instagram, паровите кои заработуваат блогирајќи приказни од нивните патувања би требало да имаат совршен живот.

Но, зад чудесните зајдисонца, според еден пар од Австралија, се крие свет на мизерија кој речиси ќе ги разделел.

Неколку години Jarryd Salem и неговата свршеница Alesha Bradford ги документирале нивните патувања низ Азија на блогот Nomadasaurus.

Фотографии од прекрасни пејзажи и селфија со насмевки даваат впечаток дека тие си поминувале најубаво што можат. Но, меѓу сите објави се нашол и блог-постот насловен „Зад сцените – време е да се средиме“.

Во него, Salem открива дека тој и Bradford ќе паузираат со своите авантури за да ги решат проблемите во врската предизвикани од животот и работата на пат.

Пишува и за нездравиот начин на живот поради кој и двајцата ја зголемиле тежината и напорите секојдневно да одржуваат контакт со семејството и пријателите.

„Alesha почна да го мрази патувањето, а мене почна да ми станува сеедно“, пишува. „Многу малку нешта нѐ возбудуваа. Велевме дека тоа е само една од клетвите на патувањето долго време, но искрено, имаше многу повеќе од тоа. Најлошо од сѐ е што ја запоставивме нашата врска“.

Salem вели дека откако поминале седум години заедно, имаат потреба да се оддалечат.

Bradford се вратила дома во Австралија, а Salem останал во Европа, чекајќи ја да се врати во јануари.

Според него, проблемите започнале кога тешкотиите со кои се соочиле во Кина започнале да ги изморуваат.

„Се каравме меѓусебно за ситници, и тие мали кавги се претвораа во целодневни препирања. Alesha ми се лутеше за најобични работи, а јас ѝ враќав“, пишува.

„На крајот престанав да бидам грижливиот партнер кој требаше да бидам. Ги запоставував чувствата на Alesha и таа ме напаѓаше што ја запоставувам. Продолжив со тоа однесување, бидејќи не можев да поднесам да бидам напаѓан. Тоа беше магичен круг“.

Salem вели дека на почетокот продолжиле да објавуваат позитивни приказни од нивните патувања низ Монголија и централна Азија, преправајќи се дека сѐ е во ред.

Потоа, барајќи начин да ги поправат нештата, одлучиле да се соочат со себе.

„Последната година не сакавме да бидеме негативни, ниту на блогот ниту на социјалните мрежи и да признаеме дека имаме проблеми, бидејќи мислевме дека никој нема да се грижи“, вели Salem за CNN.

„Но, дојде до тоа да сфатиме дека можеби и други луѓе го искусиле ова, а се огледуваат на Instagram паровите и мислат дека нивниот живот е прекрасен. Затоа, помислвме дека ако сме искрени и кажеме дека имаме проблеми како повеќето луѓе, тоа ќе ни помогне да се поврземе со нив“.

Salem вели дека неговиот блог-пост бил прифатен со голема поддршка од лојалните читатели.

„Не жалиме за нашиот номадски стил на никаков начин“, вели тој. „Иако работиме екстремно многу за да можеме да останеме на пат, свесни сме колку сме среќни што имаме можност толку да патуваме и дека многу луѓе би сакале да го прават истото“.

„Сакавме само да му покажеме на светот дека патувањето на долг рок не е еден долг одмор. Има многу повеќе во нашите животи од зајдисонца и убави глетки, што не е прикажано на социјалните медиуми. Целта на овој текст е да ги поништиме сите митови дека „го живееме сонот“,  додека само живееме“, пишува Австралиецот.

„Иако патувавме низ Азија и Јужна Америка, екстремниот културен шок кој го доживеавме во Кина беше тешко да се прифати. Но, место да се преселиме на ново место и да се спасиме од непотребниот стрес, продолживме да истражуваме подлабоко, надевајќи се дека нештата ќе се подобрат за нас. За жал, тоа не се случи, и го истуравме притисокот еден на друг. Не обвинуваме цела нација за нашите проблеми. Беше наш избор да останеме таму. Но, додека се соочувавме со нашите битки, шокантните сцени со кои се среќававме секојдневно во Кина беа последната капка која ја прели чашата“, раскажува.

И покрај нивните проблеми, Salem вели дека тој и неговата свршеница ќе се вратат на пат и ќе ја остварат желбата да отпатуваат во Јужна Африка, но дека за тоа ќе пишуваат поискрено.

„Alesha и јас се сакаме и едвај чекаме да се сретнеме во Турција на 20-ти јануари“, додава.

„Ќе продолжиме да патуваме и да го водиме нашиот блог, како и да работиме за нашите клиенти. Сепак, ќе мора да го смениме нашиот начин на патување за да биде поздрав за нашата врска“, завршува.