Папата Франциско: Интернетот е божји подарок

Поглаварот на католичката црква, папата Франциско го нарече интернетот „божји подарок“ за комуникација меѓу луѓето и за водење дијалог, но ги предупреди католиците да не ја бараат преку него апсолутната вистина, објавија странските медиуми.

Папата Франциско: Интернетот е божји подарок

Во посебната порака испратена од Ватикан, папата предупредува дека опседнатоста да се биде постојано поврзан, може да ги изолира луѓето од нивните семејства и од пријателите.

Пораката се однесува на комуникацијата на црквата во сегашната дигитална ера, како и на значењето на таквата комуникација, за верата и за верувањето кога таа ќе се рашири низ светот, делувајќи меѓу луѓето од другите религии и во други средини.

Ваквата порака, за која во Ватикан велат дека таа сепак нема значење на ново учење, нема да им се допадне на конзервативните делови на католичката црква, особено што папата им сугерира на католичките верници да не бидат арогантни при комуникацијата со другите, со тоа што ќе инсистираат дека само католиците го имаат правото на вистината.

– Да се води дијалог значи да веруваш дека другиот има нешто вредно да каже, вели папата Франциско, порачувајќи дека вклучувањето во дијалогот не значи само изнесување на сопствените, католички идеи и традиции.

За разлика од мекиот пристап на католичката црква кон интернетот и социјалните мрежи, Македонската православна црква минатата година донесе одлука со која им го забрани користењето на Фејсбук на свештенството, монаштвото и владиците. По бурните реакции во јавноста, МПЦ ретерираше од првичниот став, па потоа владиците наместо забрана добија препорака за разумно користење на Фејсбук.