Папата Франциск за првпат дозволи жените да гласаат на бискупската конференција

Папата Франциск одлучи да им даде право на глас на жените на претстојната бискупска конференција, што се случува за првпат во историјата на Римокатоличката црква.

Папата ги одобри измените на правилата во функционирањето на бискупскиот синод, телото на Ватикан во кое периодично се собираат светските бискупи, што следи по децениските барања на жените да добијат право на глас во црковните институции.

Од вториот ватикански совет кој се случил во 1960-тите години и со кои се модернизираше Црквата, папата ги свикува светските бискупи во Рим на неколку недели за дебатирање на одредени теми. На крајот на овие собири бискупите гласаат по одредени предлози и потоа се изработува документ во кој се земаат во предвид сите донесени одлуки.

Досега само мажи можеа да гласаат на овие собири, но со новите промени, пет калуѓерки ќе се придружат на пет свештеници како претставници со право на глас. Дополнително, Франциск одлучи да назначи 70 членови во синодот кои не се дел од свештенството и побара половина од нив да бидат жени. И овие членови исто така ќе имаат право на глас.

Целта е во овие нови 70 несвештенички членови, кои ќе бидат предложени од регионалните блокови на Римокатоличката црква, да бидат вклучени и млади луѓе. Папата најпосле ќе ја има конечната одлука за тоа кој ќе биде дел од синодот.

Следната бискупска конференција е закажана да се одржи меѓу 4 и 29 октомври, а ќе биде фокусирана токму на тоа Црквата да биде поотворена за луѓето кои не се дел од свештенството – процес наречен „синодос“, за што Франциск се залага со години.

Актуелниот папа ја задржа забраната на Римокатоличката црква за прогласување жени во свештенството, но има направено повеќе од било кој друг папа во поновата историја во тоа на жените да им се даде повеќе глас во носењето одлуки во Црквата. Тој во неговиот мандат назначи неколку жени на високи позиции во Ватикан, иако досега ниту една жена не била поставена да ги предводи главните ватикански служби, познати како дикастерии, кои се своевидни „министерства“ на Црквата.