Папата Франциск повика на глобално примирје

Папата Франциск денеска се придружи на повикот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутерес за итен глобален прекин на огнот, за во екот на пандемијата на коронавирусот да се спасат најзагрозените цивили во земјите каде траат судири, пренесува хрватски „Индекс“.

„Драги браќа и сестри, генералниот секретар на Обединетите нации деновиве повика на глобален и итен прекин на огнот во целиот свет поради моменталната ситуација која настана од пандемијата со коронавирусот која не познава граници. Се придржувувам на оние кои го прифатија овој апел и ги повикувам сите да го прифатат на начин да го прекинат секој облик на непријателство и да се заложат да се создадат коридори за доставување на хуманитарна помош и отвореност кон дипломатијата. Ве повикувам да обратите внимание и на најранливите“, рече папата.

Гутерес во понеделникот апелираше на „итен прекин на огнот насекаде во светот“, како цивилите би биле поштедени од „чудовиштето“ Ковид-19.

„Силата со која вирусот се сруши врз нас, јасно не предупредува дека војувањето е потполна лудост“, истакна Гутерес во краткиот говор одржан во седиштето на ОН, без да именува ниту една држава во светот.

Аргентинскиот папа изрази надеж дека „заедничките напори во борбата против пандемијата на коронавирусот може да го натера светот да ја препознае потребата за јакнење на братските врски“.

„Конфликтите не можат да се решат со војна. Меѓусебните разлики и непријателствата треба да се надминат со дијалог и конструктивна потрага по мир“, додаде тој.

Франциск, исто така, рече дека чуствува длабока поврзаност со луѓето кои се принудени да живеат во заедници, како тие во пензионерските домови или во касарните, а особено со затворениците.

Тој ја осуди и „опасноста од трагични исходи“ во затворите, како резултат на два фактори, пандемија на коронавирусот и пренатрупаноста на тие установи, и побара од надлежните органи на овој проблем да бидат почуствителни.

Од Ватикан вчера известија дека таму има шест случаи на заразени со коронавирусот помеѓу вработените и жителите, истакнувајќи дека ниту папата, ниту неговите најблиски соработници не биле во контакт со нив.