Панел-дискусија за Македонија на сараевската конференција „Point“

Актуелната политичка криза во Македонија ќе биде тема на панел-дискусија на конференцијата „Point 4.0“, која деновиве се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.

Насловот на панелот е „Иднината на политичките превирања во Македонија – прислушување, протести, владини прислушувани разговори“, а во дискусијата ќе учествуваат: Ѓорѓи Пулевски од Студентскиот пленум, Билјана Гинова од „Ајде!“, Суад Мисини од ЦСРЦ и новинарите Томислав Кежаровски и Зоран Бојаровски. Модератор на дискусијата ќе биде Филип Стојановски од Метаморфозис.

Ќе се разговара за ескалацијата на падот на демократијата во земјата, за механизмите за задушување на слободата на изразувањето низ заплашување и затворање на новинарите, за последиците на скандалот со користењето на државни ресурси за нелегално масовно прислушување, како и за граѓанската реакција на широко распространетата апатија – користењето на интернетот, уличните протести и окупацијата на универзитетот.

Панелот ќе се одржи на 21 мај, од 16:15 до 17:15 часот, а организаторите најавуваат и стрим во живо на интернет.