Панел дискусија за изборите во Европскиот Парламент и можностите за Северна Македонија

Здружението Млади Европски Федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија), утре (20 април), од 10:30 часот во ЕУ Инфо центар ќе организира панел дискусија со наслов „Ја Избирам Европа: Избори за Европски Парламент 2019 – можности и предизвици за Република Северна Македонија“.

Говорници на панел дискусијата ќе бидат амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, Елишка Гертнерова од Делегацијата на Европска Унија во Северна Македонија, Селин Гајсман, член на Извршниот одбор на Младите Европски Федералисти, Симонида Кацарска, Извршна директорка на Институтот за европски политики (ЕПИ) и Лазар Поп Иванов од „Член 1“ – Институт за глобални политики и право.

„Имајќи предвид дека на повидок се изборите за Европскиот Парламент, целта на оваа панел-дискусија е да се покрене дебата за влијанието на новиот состав во Европскиот Парламент врз процесот на зачленување на Република Северна Македонија и регионот во ЕУ“, посочуваат организаторите.

Панел дискусијата се организира во рамките на кампањата „Ја Избирам Европа“ – паневропска кампања за претстојните избори за Европски Парламент.