Панел дискусија: Кариерно насочување преку „Job shadowing“

„Прв пат слушате за „job shadowing“? Не сте единствени. Дојдете на 5 јуни во 18 часот на Универзитет за туризам и менаџмент – Скопје за да ви го претставиме овој концепт“, вака организаторите ја најавуваат панел дискусијата на тема кариерно насочување преку концептот на „job shadowing“, која ја организира тимот „Umbra“.

На настанот присутните ќе слушнат што е „job shadowing“, кои се бенефитите од ваквиот концепт, искуства и потребата од ваква практика во нашиот образовен систем.

„На кратко, „јob shadowing“ претставува американски концепт, за којшто кај нас во моментот не постои соодветен термин. Претставува начин на стекнување знаења и запознавање со работна позиција, преку придружување на вработениот при извршување на неговите обврски. Крајната цел е да се добие претстава за обврските и општиот изглед на работата, за да може личноста во прашање да донесе правилна одлука за својата идна кариера“, појаснуваат организаторите.

Говорници на настанот ќе бидат:

1. Христина Рунчева, универзитетски професор
2. Ивана Маринчек и Радмила Живановиќ, психолози
3. Билјана Велевска, Кариерен советник
4. Претставник од Агенција за млади и спорт
5. Мартин Трајановски, понудувач на job shadowing можности
6. Никола Гилев и Симеон Стојковски, учесници на job shadowing можност

Целна група на панел-дискусијата се средношколците, но дискусијата е отворена и за сите кои сакаат да присуствуваат и да се запознаат со методот на „job-shadowing”, како и можностите кои им се нудат преку него.