Пандемијата може да биде катастрофална за децата, предупредуваат од УНИЦЕФ

Пандемијата на коронавирусот ја загрозува основната грижа за најсиромашните деца во светот кои живеат во земјите во развој и кризни области, предупредија од УНИЦЕФ, пренесува босански „Аваз“.

„Пандемијата е егзистенцијална закана за милиони деца. Само меѓународно кородинирана акција може да спречи глобалната здравствена криза да стане катастрофа за децата“, рече Кристијан Шнајдер, раководителот на УНИЦЕФ во Германија.

Тој додава дека тоа што особено загрижува е ширењето на вирусот во преполните бегалски кампови во Грција и Сирија.

„Многу деца веќе страдаат од неухранетост и претходни заболувања и имаат преслаб имунитет да се борат со нови опасности“, додаде Шнајдер.

Ова важи и за децата во зоната на Сахеловиот Појас и во Јужна Африка. Речиси 40% од Африканците не се во можност дома да ги мијат рацете со вода и сапун, што е клучен начин да се запре вирусот. Во Азија, особено загрижува бројот на заразените во Бангладеш.

„Повеќе од 850.000 Рохинги живеат во пренатрупаните бегалски кампови таму“, додаде Шнајдер.

УНИЦЕФ ги повика владите, компаниите и приватните донатори да направат сè што можат за да обезбедат заштита за ранливите деца.