Пандемијата им покажа на сопствениците на мали бизниси дека милениумците се во право

Долго време, многу сопственици на мали бизниси кои беа моја возраст, околу 50тина години, што е просечната возраст за типичен американски сопственик на бизнис – се жалеа поради помладата милениумска генерација.

Тие се толку различни, ќе си речевме. Тие не сакаат да работат исто како нас!

Но зошто воошто милениумците би сакале да ги следат работните процеси на постарата генерација?

Овие помлади работници не се помалку талентирани, помалку лојални или помрзеливи. Едноставно, оваа генерација има различни приоритети, а еден од тие приоритети е баланс.

Истражување по истражување, помладите работници јасно објаснија дека повеќе би сакале да работат од дома. Тие сакаат поголема флексибилност и поголема независност. Тие сакаат повеќе слобода. Да, тие сепак ги завршуваат навремено своите работни обврски. Тие само сакаат да не ја вршат работната задача целосно од канцеларија.

Паметните сопственици кои ги знам одамна го воведоа овој начин на работа. Инвестираа во мобилни уреди. Ја воведоа можноста нивните работници да работат од дома. Тие одговорија на барањата на помладите работници и ја осовременија својата технологија. За жал, дел од нив се уште се противеа на идејата.

Тогаш се случи глобалната пандемија. Работните средини одеднаш станаа хаотични.

Властите им „наредија“ на бизнисите ширум светот да ги затворат своите канцеларии и да ги пратат дома работниците. Оттаму, воведувањето на работа од дома за компаниите веќе не беше избор, туку единствен начин да продолжат со работа.

Дали може да погодите кои бизниси најбрзо се прилагодија на „новото нормално“? Точно така.

Оние кои ги послушаа барањата на нивните милениумски работници. Рич Кавањаро, извршниот директор на „Adedge Water Tehnologies“, компанија за преработка на вода, беше еден од тие сопственици.

„Во компанијата, три милениумци менаџираат со секторите. Во инженерската сфера, работниците доаѓаат во канцелариите. Имаат планови, нацрти и распореди според кои се водат и на тој начин бизнисот се одржува.

Но, бидејќи ставивме милениумци како менаџери на три сектори, компанијата направи успешна транзиција кон работење од дома. Навистина беше исклучително фасцинантно колку лесно мигриравме кон работа од дома“, истакна Кавањо на неодамнешен вебинар каде што бев модератор.

Ако пандемијата не научи нешто, тоа е дека треба да ги сфатиме сериозно советите на помладите работници.

Сопствениците кои ги знаев, како Рич, ги почитуваа гледиштата на своите помлади работници. Исто како него, тие сфатија дека за да се биде компетитивен и одличен ловец на таленти, не може да се работи на ист начин како што се работело пред 10 или 20 години.

Сега постојат смартфони, таблети и 5G поврзување. Ова се брзи и безбедни, „клауд“ апликации кои процесираат исплаќања, примаат нарачки, потикнуваат комуникација, споделуваат документи и генерално овозможуваат проектите да се развиваат. Овие апликации се сериозни, „мејнстрим“ и веродостојни. Треба да знам – мојата компанија продава неколку апликации.

Како и многу милениумци, јас со години им кажував на моите постари клиенти дека тие треба да ја воведат работата од дома базирана на „клауд“ технологии. Дел од нив ме послушаа, но многу одбиваа да ја прифатат идеата. Сепак на крајот, тие претајќи и врескајќи, беа воведени во 21 век.

Што научија ваквите бизниси?

Тие научија дека „клаудот“ навистина е функционален. Тие научија дека нивната работна сила – односно поголемиот дел од неа, е сосема функционална кога работи од дома. Тие научија дека виртуелните состаноци и видео конференции можат да се ефикасни исто како оние во реалноста. Тие научија дека проклетите милениумци цело време биле во право.

Ако пандемијата не научи на нешто, тоа е дека треба сериозно да ги сфатиме советите на помладите членови од нашата работна сила.

Јас сфатив дека тие го немаат истото бизнис искуство како сопствениците кои имаат 50 години. Но, постојат многу други работи кои оваа генерација ги знае, а ние не, воедно и многу нови перспективи кои милениумците можат да ги посочат на бизнисите.

Извор: Guardian