Пандемијата ги префрли онлајн студентските пракси во странство – какво е искуството на ИАЕСТЕ Македонија

Пандемијата им го отежна функционирањето на студентските организации и го смени начинот на кој се одвива студентската пракса во компаниите. Со цел да обезбеди платена пракса во странство за македонските студенти, организацијата ИАЕСТЕ Македонија мораше да ги префрли своите активности  онлајн.

Објаснувајќи за тоа како се одвива студентската пракса во компаниите за време на коронавирусот, од организацијата велат дека дел од праксите се одвивале на далечина.

„За жал, таа можност е во главно ограничена на пракси од IT областа, но имаше и пракси од други области каде може да се работи далечински, како на пример симулации во машинство. Следната година фокусот ќе биде на ваквите далечински пракси, но се надеваме и на можности за пракса во живо“, велат оттаму.

Од организацијата додаваат дека нема еден протокол за заштита од практикантите од коронавирусот, бидејќи соработуваат со голем број странски и домашни компании.

„Соработуваме со преку 40 македонски фирми, и секоја од фирмите има различни мерки, исто така нашиот интерес е пракса во странство (во преку 500 фирми) и секоја земја согласно своите мерки користи различни мерки и протоколи за заштита“, велат од ИАЕСТЕ.

Студентската организација делува и на локално и на интернационално ниво, а меѓу своите активности брои студентска размена, семинари за тренинг и мотивација, „Компани шатл“, настан на кои студентите се запознаваат со работите на домашните компании, но и настани од позабавен карактер како интернационални вечери и прошетки низ земјата за студентите дојдени на размена тука, па и „ИАЕСТЕ скара“.

„Целта на праксата е да му овозможи на студентот усовршување во областа која ја студира. За секоја пракса постои документ во кој се наведени нејзините спецификации, како и барања што студентот треба да ги исполнува. Големиот избор на пракси со ИАЕСТЕ значи и опфатеност на сите сфери од техничките факултети, но неретко се наоѓаат и пракси во области од природните науки, како маркетинг и бизнис“, велат од ИАЕСТЕ.

Засега немаат информации дали некој нивни студент се заразил од новиот коронавирус во текот на праксата. Со цел да ја разбијат монотонијата кога излегувањата беа ограничени, почнаа да организираат и онлајн игри.

„Всушност, на  9 октомври – понеделник, ќе организираме една онлајн игра „The Riddler“, која вклучува решавање загатки и ги покануваме сите што се заинтересирани“, нагласуваат од организацијата.

ИАЕСТЕ Македонија била основана во 1992, иако почетоците се во рамките на Југославија, како нејзин локален комитет. Во неа може да се зачленат сите заинтересирани студенти.

И.С.