Пандемиите се резултат на уништувањето на природата, велат ООН и СЗО

Пандемиите како што е коронавирусот се резултат на човековото уништување на природата, а светот со децении ја игнорира оваа строга реалност, сметаат лидерите на Обединетите нации (ООН), Светската здравствена организација (СЗО) и Светскиот фонд на природата (WWF), објави Гардијан.

Илегалната и неодржлива трговија со дивиот свет, како и уништувањето на шумите, се’ уште се движечка сила на зголемениот број на болести што се пренесуваат од животинскиот свет кон луѓето, велат лидерите за Гардијан.

Тие повикуваат на „зелено“ и здраво закрепнување од пандимијата со Ковид-19, особено преку реформи во земјоделството и неодржливите практики.

Во извештај на Светскиот фонд за природата, објавен во средата, стои: „Ризикот од нови заболувања во иднина е поголем од кога било, со потенцијал да предизвика нарушувања врз здравјето, економиите и глобалната безбедност“.

Управителот на WWF во Британија вели дека пост-Брегзит трговските зделки кои не успеваат да ја заштитат природата, ќе ја направат Британија „соучесник во зголемувањето на ризикот од следната пандемија“.

Високите бројки поттикнаа серија предупредувања во март, а водечките светски експерти за биолошка разновидност сметаат дека во иднина ќе се појават и повеќе смртоносни болести, доколку не запре рапидното уништување на природниот свет.

Претходно во јуни, шефот на одделот за животна средина на ООН и водечки економист рече дека Ковид-19 е „СОС сигнал за човештвото“ и дека сегашното економско размислување не препознава дека човековото богатство зависи од здравјето на природата.

„Видовме дека со текот на годините се појавија повеќе болести, како што се Зика, Сида, Сарс и Ебола, и сите тие потекнуваат од животинска популација во услови на силен притисок врз животната средина“, рекоа Елизабет Марума Мрема, директор на Конвенцијата на ООН за биолошка разновидност, Марија Неира, директор во делот на СЗО за животна средина и здравје и Марко Ламбертини од WWF.

Со коронавирусот, „овие епидемии се манифестација на нашата опасно неурамнотежена врска со природата“, потенцираа тие за Гардијан.

„Загрижувачки, иако Ковид-19 ни даде уште една причина да ја заштитиме и зачуваме природата, видовме дека се случува обратното. Од Меконг, па се до Амазон и Мадагаскар, се појавија алармантни извештаи за зголемено ловокрадство, нелегална сеча и шумски пожари, додека во многу земји има избрзани активности и намалувања на средствата за зачувување на природата“, сметаат тие.