„Паметна“ облека помага да заштедите батерија на безжичните уреди

Истражувачи од Сингапур измислија „паметна облека“, за која велат дека може да ги зголеми сигналите и да заштеди батерија на безжичните уреди, како паметните часовници и слушалките.

Пронајдокот наречен „метаматеријал“ им овозможува на радио брановите да се преливаат низ облеката помеѓу уредите кои ги носи човекот, наместо да зрачат во сите насоки.

Ова значи дека сензорите и преносливите уреди како „ејпл“ часовниците и безжичните слушалки „ерпод“ можат да воспостават посилна и побрза врска, како и да заштедат енергија, велат научниците од Националниот универзитет во Сингапур.

Асистент-професорот Џон Хо, кој го нагледуваше 10-члениот тим што ја развиваше оваа технологија, вели дека таа може да се користи за мерење на виталните знаци на спортисти или пациенти.

Исто така, може да ги „задржи“ сигналите посигурни, со пренесување на чувствителни информации близу до телото и подалеку од потенцијални прислушувачи на радио брановите, велат научниците.

Тимот од Сингапур доби привремен патент за материјалот, кој може да се пере, суши и пегла како нормална облека и чини само неколку долари од метар.