Палмино масло – Нова закана за мајмуните во Африка

Загрозените мајмуни може да се соочат со нова опасност ако Африка стане голем играч во индустријата за палмино масло. Повеќето области погодни за одгледување на маслодајните култури се клучни живеалишта за приматите, покажува една студија.

Истражувачите, кои го испитуваат можниот ефект на палминото масло врз биолошката разновидност на Африка, велат дека потрошувачите можат да помогнат со купување на одржливо и еколошки произведено палмино масло. Ова може да значи дека ќе треба да платат повеќе за храна, козметика и средства за чистење кои содржат маслото или да ја ограничат неговата употреба.

„Ако сме загрижени за животната средина, мораме и да платиме за тоа”, рече Серж Вич, професор по биологија на примати на Универзитетот Џон Мурс во Ливерпул, и водач на студијата.

„Во производите што ги купуваме треба да бидат вклучени трошоците за животната средина.“

Што е палмино масло?

Палминото масло доаѓа од маслената палма, која потекнува од Западна Африка. Сепак, повеќето палмино масло сега се добива од палми што се одгледуваат во Индонезија и Малезија. Еколозите велат дека шумите во регионот ја платиле цената, со тоа што биле исечени сите дрвја за да се насадат палми.

Експанзијата на маслодајната палма е главен двигател на уништувањето на шумите, што пак му се заканува на дивиот свет, како што е критично загрозениот орангутан на Борнео.

Меѓутоа, Меѓународната унија за заштита на природата вели дека замената на палмовото масло со други маслени култури не е решение, бидејќи овие култури имаат пониски приноси и за нив ќе треба повеќе земја.

Тие велат за да се намали влијанието врз биодиверзитетот, палминото масло треба да се произведува поодржливо, со избегнување на уништувањето на шумите и со намалување на употребата на ова масло во производи што не се храна.

Палминото масло се наоѓа во многу производи како сапун и козметика. Голем дел сега се користи и како биогориво.

Во која насока ќе се шири производството?

Многу компании кои работт со палмното масло бараат да се прошират во Африка. Ова ги загрижува конзерваторите, бидејќи потенцијалните локации за плантажи се наоѓаат во области со богат биодиверзитет. Тие се особено загрижени за африканските примати. Во Африка има речиси 200 вида, од кои многу се веќе под закана од исчезнување.

Уништувањето на живеалиштата е една од главните причини зошто сите големи мајмуни се на работ на истребување. Новите плантажи за палмино масло во Африка се очекува да го забрзаат истребувањето на мајмуните.

Последното истражување покажа дека додека одгледувањето на маслодајните палми претставува важен извор на приход за многу тропски земји, има малку можности за компромис.

„Откривме дека ваквите области на компромис се многу ретки низ целиот континент (0,13 милиони хектари), и дека големата експанзија на одгледувањето на палмите во Африка ќе има неизбежни негативни ефекти врз приматите“, вели истражувачкиот тим.

За да се стави таа бројка во контекст, до 2050 година ќе бидат потребни 53 милиони хектари земјиште за да се задоволи глобалната побарувачка на ова масло. Студијата ја работеше д-р Џовани Строна од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија во Испра, Италија.

Тој рече дека приматите веќе се загрозени во Африка поради загубата на живеалиштата и ловот.

„Главната порака е дека, поради големото преклопување на областите кои се погодни за одгледување на маслодајна палма и областите каде што се наоѓаат многу загрозени примати, ќе биде крајно предизвикувачки да се помириме со проширувањето на плантажите и заштитата на африканските примати”, објаснува тој.

Што може да се направи за да се реши проблемот?

Студијата вели дека се неопходни ефективни политики за да се спречи расчистувањето на природните тропски шуми за нови плантажи на палми. Во постојните плантажи за масло, компаниите треба да управуваат со нивното земјиште за да ги намалат влијанијата врз биолошката разновидност.

Потрошувачите исто така можат да помогнат при изборот на производи кои користат одржливо произведено палмино масло и преку намалување на количината на производи со палмино масло што ги купуваат.

Извор: Гардијан