Палау стана прва земја која забрани крема за сончање за да се заштити морскиот свет

Палау, малата островска земја во Тихиот Океан, стана прва држава која донесе забрана на кремите за сончање кои се штетни за коралите и морскиот свет.

Од почетокот на 2020 година кремите кои содржат стандардни состојки не се дозволени да се користат или да се продаваат во Палау.

Архипелагот со околу 500 острови се наоѓа на половина пат меѓу Австралија и Јапонија и е дом на некои од најголемите морски животински светови, како и светска дестинација за нуркање.

„Мораме да ја почитуваме нашата еко-средина бидејќи тоа е нашиот живот и без неа никој на Палау нема да може да преживее“, рекол претседателот на Палау, Томи Ременгесо, пренесе Би-Би-Си.

Одлуката на Палау, која била донесена во 2018 година, забранува креми или лосиони за сончање кои содржат некои од 10-те набројани хемиски материи штетни за околината. Меѓу нив се наоаѓаат и оксибензен и октиноксат, кои апсорбираат ултравиолетова светлина.

Меѓународната фондација за корални гребени соопшти дека забранетите хемикалии се познати загадувачи на животната средина и најголемиот дел од нив се многу отровни за раните животни фази на голем дел од морскиот животински свет.

Во меѓувреме, бројот на креми за сончање кои содржат штетни хемикалии се намалува. Експертите изјавиле дека во 2018 година овие штетни состојки биле присутни во околу половина од кремите и лосионите.

Слична забрана има донесено и американската сојузна држава Хаваи, која стапува во сила од 2021 година.