Пакомак: Крајно време е неформалните собирачи да се интегрираат во организиран систем за собирање отпад

Од друштвото за управување со пакување и отпад од пакување Пакомак се пожалија што голем дел од отпадот што го собираат неформалните собирачи никаде не се евидентира, бидејќи како што велат, често завршува кај отпади кои што работат без дозвола. Според нив, неформалните собирачи нелегално го собираат вредниот дел од отпадот кој е во надлежност и сопственост на комунланите пррепријатија и општините.

„Поради недостатокот на организација и контрола, во секојдневната борба за обезбедување на поголеми количини отпад, а со тоа и поголема заработка, неформалните собирачи многу често ја оштетуваат комуналната инфраструктура поставена од „Пакомак”, во која граѓаните треба да го одложат селектираниот отпад. Едноставно, овие собирачи гледаат конкуренција во формалните системи за селекција на отпадот. Но, освен што ја уништуваат скапата опрема која што колективните постапувачи ја донираат на општините, тие создаваат и лоша слика околу контејнерите, каде го расфрлаат отпадот, и со тоа ги демотивираат останатите граѓани да го селектираат отпадот“, стои во соопштението на Пакомак.

Тие под итно бараат неформалните собирачи да се интегрираат во организиран систем за собирање отпад. Предлагаат да се обезбеди листа на улични собирачи, кои ќе треба да поминат обука, да имаат заштитна облека и ракавици и да работат во координација со комуналните претпријатија. За оние кои од разни причини нема да сакаат да станат дел од легални системи за селекција и собирање, институциите да применат казни доколку повторно продолжат со нелегално собирања отпад, сметаат од Пакомак.

Сепак, тие нагласуваат дека казнувањето не е успешно решение бидејќи на најголемиот дел од нив продавањето на отпадот им е единствениот приход. Поради ова, велат тие, придобивките од нивната интеграција се големи. Освен за собирачите кои ќе имаат постојан и поголем приход од псотоечкиот, здравствено и пензиско осигурување и подобри работни услови, но и општините ќе обезбедат нови вработувања, почиста околина за своите жители, контрола на системот за собирање отпад, како и неоштетена комунална инфраструктура.

„Се проценува дека околу 5.000-10000 лица во Македонија, главно од Ромската популација живеат од собирање отпад како неформални собирачи.  За нив не постојат прецизни податоци, бидејќи повеќето од нив немаат ни лични карти, а дел од нив собираат отпад од пакување повремено. Тие не се дел од организираниот систем на собирање и селектирање на отпадот во земјата, немаат постојано вработување и стабилни приходи, здравствено и пензиско осигурување, социјална заштита. Веќе подолг период се во сива зона без никаква евиденција за нив. Најлошо е што со себе ги носат децата кои не ги пуштаат на училиште и со тоа создаваат нови генерации на потенцијални учесници во сива економија кои без образование се осудени да останат на маргините на општеството“, велат од Пакомак.

Уличните собирачи, освен во Македонија се присутни и во земјите во блиското окружување, Романија, Бугарија, Турција, Грција, Србија, Косово, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина итн.