Пакистански пожарникар три децении ги учи сиромашните деца да читаат

Мохамед Ајуб (Mohammed Ayub) е пожарникар од Исламабад, кој секој ден, по завршувањето на работата во 3 часот напладне, доаѓа во јавниот парк каде го чекаат околу 200 деца со своите тетратки. Го нарекуваат учителот Ајуб.

Се почнало пред 30 години кога се сели во Исламабад и добива работа во противпожарната бригада.

„Моето семејство живееше на село и јас бев сам, тука во градот, па сакав да направам нешто во моето слободно време што ќе биде од некаква полза”, вели Ајуб за Ал Џазира.

Имајќи го ова на ум, тој запрашал едно младо момче кое перело автомобили зошто не е на училиште, по што добил типичен одговор „Моите родители се сиромашни, така што мора да работам”.

„Му донесов една тетратка, му дадов молив и гума, и почнав да го подучувам таму, седејќи на земјата“, се потсетува Ајуб.

Следниот ден, момчето донело и негов пријател. Еден ден потоа дошле уште неколку деца, за во рок од една недела, и со малку убедување, да дојде до бројка од педесетина деца кои се собирале за да научат да читаат и пишуваат, откако завршиле со својата работа во текот на денот. Сега, со помош на поранешни ученици и пријатели, школото во паркот собира околу 200 деца, муслимани и христијани од сиромашните семејства. Илјадници луѓе поминале низ него во последните три децении, успевајќи да ги положат и акредитираните владини испити кои им овозможуваат да продолжат со високото образование, или да си обезбедат пристојни работни места.

Погледнете ја сторијата за ова невообичаено училиште во видеото подолу: