Паднати неколку интернет портали, од УНЕТ тврдат дека се работи за технички проблеми

Интернет страниците на медиумите Фокус, Либертас, Сакам да кажам, Локално, Плусинфо и други, како и електронските изданија на весниците Утрински, Дневник и Вечер во текот на минатата ноќ и утринава се недостапни.

Како што известува Радио Слободна Европа, проблемот се појавил неколку часа по полноќ , а екипите на УНЕТ, провајдерот кој е техничка поддршка на овие интернет страници, се на терен и се обидуваат да го отстранат проблемот.

РСЕ пишува дека Анета Пешева од УНЕТ тврди дека се работи за технички проблем додавајќи дека прецизно ќе објаснат откако екипите ќе завршеле со работа. Таа нагласува дека не се паднати само страниците на медиумите, туку и на компании и други претпријатија на кои тие им се техничка поддршка. Во врска со тврдењата дека само Курир.мк, кој се смета за провладин, не е паднат, а тие му се техничка поддршка, Пешева категорично вели дека таа интернет страница никогаш не била нивни коминтент.

Новинарката Билјана Секуловска, која е косопственик на порталот НОВА ТВ, пак, вели дека во контактите со вработени во УНЕТ и било пренесено дека се работи за голем напад на интернет страниците зад кој се уште не знаеле кој стоел.

Во меѓувреме, веб страниците на Фокус и Нова ТВ се вратени во функција, но отворањето на веб страницата е побавно од вообичаено.