Падна првата пресуда за дискриминација во Македонија

Основниот суд Скопје 2 Скопје, врз основа на постапка поддржана од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), ја донесе првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, објави порталот Академик.

Падна првата пресуда за дискриминација во Македонија

Судот пресуди дека граничните служби исклучиво врз основа на националната припадност заклучиле злоупотреба на визниот режим и со тоа направиле повреда на правото на еднаквост во праксата на граничните служби да го ограничуваат правото на определени категории на граѓани да ја напуштат територијата на Република Македонија под неоправдано сомнение дека се работи за лажни баратели на азил.

„Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост. Според судот, Министерството за внатрешни работи (МВР) како тужен со тоа што го спречило тужителот, лице припадник на ромската националност да ја напушти територијата на РМ постапувајќи спротивно на членот 8 од Законот за гранична контрола и му го ограничило правото на слободно движење како и правото на еднаквост, права загарантирани со член 9 и член 27 од Уставот на Република Македонија“, информираат од МЗМП.

Според Здружението оваа пресуда е мошне важна за владеењето на правото во Македонија од две причини.

„Првата е тоа што ова е прва судска одлука која утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, а втората причина е што во судската постапка се утврдува се поприсутната неправична пракса на граничните служби да се ограничува слободата на движење на цела група граѓани на Република Македонија поради неоправданата претпоставка дека ќе го злоупотребат визниот режим со тоа што ќе бараат азил во некоја од земјите членки на ЕУ“, велат оттаму.

Како што објаснуваат од МЗМП, тужителот во јуни 2013 година, патувајќи заедно со неговото семејство на свадба на близок роднина во Италија, на граничниот премин Табановце од страна на граничните служби бил спречен да ја напушти територијата на РМ, без никакво посебно образложение.

Истиот во себе поседувал преведена и заверена потврда од општината каде е закажана свадбата и поседувал доволно парични средства за неколку дневен престој во земја од ЕУ (иако за излез од територијата на РМ не е потребно да се поседуваат никакви потврди и сл.). На тужителот, со печат во пасошот прецртан со две коси линии, му билo забрането да ја напушти територијата на Македонија, пишува Академик.

Според тужениот – македонското МВР, кај полицискиот службеник кој го сторил дејствието се јавило сомение дека тужителот и неговото семејство се лица кои се со намера да бараат азил во некоја од земјите членки на ЕУ.

„Согласно образложението на судот, службеното лице на МВР ако ја побарало на увид потврдата од општината каде се упатил тужителот, како и паричните средства кои ги поседувал истиот, и само ако внимателно слушал што му кажува тужителот, воопшто не би дошло до вакво нешто. За службеното лице единствено било важно дека тужителот е припадник на ромската заедница и со самото тоа тој веќе влегува во групата на граѓани можни баратели на азил“, истакнуваат од Здружението.

Судот исто така утврдил дека „не постои дилема дека државата има право заради постоење опасност да се наруши безвизниот режим, да превзема активности и мерки кои ќе доведат до тоа да се спречат граѓаните да ја поминуваат државната граница со цел да го злоупотребат безвизниот режим но тоа мора да се прави на начин на кој што нема да се повреди еднаквоста на граѓаните“.

„Во конкретиот случај граничните служби го сториле спротивното со тоа што исклучиво врз основа на националната припадност на тужителот заклучиле дека истиот ќе го злоупотреби визниот режим со што сториле сериозна повреда на правото на еднаквост и правото на слобода на движење“, велат од МЗМП.

Извор: Академик.мк