Оздравени 48 пациенти, 28 новозаразени и едно починато лице од Ковид-19

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 48 излекувани пациенти. Од нив, шест пациенти се од болничко лекување и 42 пациенти кои се лекувале во домашни услови.

Од МЗ исто така соопштуваат дека во болницата „8-ми Септември“, починал пациент од Скопје на 51 годишна возраст, кој бил примен во болницата на 9 април во тешка состојба и кој веднаш бил поставен на респираторна машина.

Во изминатите 24 часа пак, потврдени се 28 нови случаи на Ковид-19, односно по градови, регистрирани се 11 случаи во Скопје, девет во Прилеп, три случаи во Велес, по два случаи во Куманово и Тетово и еден случај во Валандово. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја се искачи на 1.259 лица.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се примени седум нови пациенти, информираат од МЗ, и додаваат дека таму се хоспитализирани вкупно 63 пациенти. Од нив, 21 пациент е на кислородна поддршка, а четири пациенти се на механичка вентилација.

Седум нови пациенти се примени и во болницата „8-ми Септември“, каде моментално има 43 хоспитализирани пациенти. Од нив, со потешка клиничка слика се осум пациенти, додека четворица пациенти се на респираторна машина.

Досега во земјава се направени вкупно 13.000 тестирања на Ковид-19, додека во изминатото деноноќие се направени 660 теста.