Вториот ден, 7 јуни, од педесет и деветото издание Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ помина со громогласни аплаузи и овации за актерите од Народниот театар во Битола по изведбата на „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.
Се реализираше и првата тркалезна маса за претставата „12“ на Македонскиот народен театар, каде се разви дускусија која ја водеше Звонко Димоски. Тој рече дека концептот на претставата не е само театарска рефлексија врз правдата, туку е претставен обид да се види како сме подготвени да си погледнеме во сопствените предрасуди.
Режисерот Синиша Евтимов потсети дека текстот го имал во фиока, а познатиот филм бил податно парче за реализација на претставата.
„Во финалната реализација тргнав од тоа дека ние како македонско општество сме последица на некоја друга причина. И ова е претстава која говори за некомпетентноста на одредени личности. Ние сме жртви на елитизмот во театарското општество. Поентата е и оној кој е начитан, и оној кој првпат влегува во театар да се обидат да ја разберат приказната. Ако сакам да пратам порака, можам да пратам писмо. Беше тешко да ги одберам глумците, да се запознаеме, и како тим да бидеме добри. Таа е една ода, симфонијата ја пренасочивме до џез“, истакна режисерот.
Актерот Сашко Коцев посочи дека претставата е за поединци кои се тотално некомпететни луѓе, а кои не’ водат.
„Во претставата сме собрани 12 солисти. Според мене е монолог кој треба да го зборува еден човек. До тие партитури беше тешко да се стигне. Бев на сцена со оние луѓе заради ја одбрав оваа професија“, рече Коцев.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“
Вчера беше отворена и Детската зона на фестивалот. Како што раскажуваат од фестивалот, околу Саат кулата стотици дечиња цртаа, пееја, уживаа со театарска изложба и ликовна работилница со Ателје Артика, под менторство на Методи Исков и Елена Димоска, а Лина Димоска и Филип Димкоски, инспирирани од програмата „Прилеп во фокус“, споделија поезија за деца од македонски автори.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“
Третиот фестивалски ден е веќе започнат со детската програма во 10 часот. Од 11 часот има промоција на театролошка литература, а еден час подоцна започна и тркалезната маса за претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар.
Вечерва во 19 часот од официјалната програма ќе биде изведена „Сите прекрасни нешта“ во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народниот театар од Штип. Улогите ги толкуваат: Ефтим Ѓаурски, Милорад Ангелов, Марија Минчева Андонова, Стефанија Митовска, Ава Хусеини и др.
„Драмолетање“, програмата посветена на поврзување на младите драмски автор, која започна вчера, и денеска ќе се реализира во киното „Мис Стон“.
„Ова е убава можност за да се сретне новата македонска драма со менаџери на театри и театарски професионалци“, велат од фестивалот.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“
Во 21 часот вечерва ќе биде отворен и Музејот во движење „Прилеп во фокус“, посветен на легендарните прилепски уметници – Благоја Спиркоски – Џумерко, Кирил Ристески и Благоја Ристески-Платнар. На оваа програма ќе и претходи проекција на документарни филмови на Платнар во 17 часот во „Мис Стон“.
Со претставата „12“ и доделување на наградите за животно дело започна 59. МТФ „Војдан Чернодрински“