„Ова не е сон“ – танцова претстава од деца за деца во МКЦ

Колектив Ветерница организира танцов проект насловен „Ова не е сон“ во кино Фросина во Младинскиот културен центар, на 5-ти јуни (понеделник), со почеток во 19:00 часот.

Овој перформанс е резултат на овогодинешната работа во рамките на редовните часови по танцов театар со деца од 6 до 12 години, информираат од колективот.

„Низ процесот на работа храбро ги истражувавме границите на нашето заедничко создавање почитувајќи ја индивидуалноста како основата на здружувањето, но исто така и нашите капацитети и волја за негување на танцовиот театар“, велат од „Ветерница“.

„Ова не е сон“ е танцова приказна за виртуелниот свет во кој блиску се испреплетуваат возможното и невозможното, реалноста и илузијата, сонот и јавето, вистината и лагата, свесното и несвесното, чекањето и очекувањата.

Цената на билетот е 100 денари и може да се резервираат и купат на билетарницата на МКЦ.