„Ова е време да закрепне Америка“ – новиот претседател Бајден повика на обединување во земјата

Во надеж да изгради мост помеѓу длабоко поделената земја новоизбраниот американски претседател Џо Бајден повика на обединување и Соединетите Американски Држави да започнат да закрепнуваат во неговото прво обраќање по победата на изборите.

Тој напомена дека се кандидирал за највисоката функција во земјата за да ја „изгради одново душата на Америка и `рбетот на нацијата – средната класа, како и да го врати угледот на Америка низ целиот свет“. Бајден оддаде признание на гласачите црнци за кои рече дека му ја донеле победата и на партиските избори, како и на претседателските избори со нивната рекордна излезност неколкуте клучни држави каде резултатот заврши многу тесно во негова корист.

Обраќајќи се на граѓаните на собир во неговиот роден град Вилмингтон во Делавер, тој се обрати и на приврзаниците на претседателот Доналд Трамп во обид да го ублажи нивниот бес, откако Републиканците тешко се помируваат со поразот.

„Се обврзувам дека ќе бидам претседател кој нема да создава поделба, туку ќе обединува. Кој не гледа црвени и сини држави, туку само Соединети Држави“, рече Бајден.

„За сите оние кои гласаа за претседателот Трамп, го разбирам разочарувањето вечерва. И јас самиот изгубив неколку избори. Но, сега, ајде да си дадеме шанса едни на други. Време е да ја оставиме настрана жестоката реторика. Да ја спуштиме температурата. Да се погледнеме едни со други повторно. Повторно да се сослушаме. Да направиме напредок, мора да престанеме да ги гледаме нашите противници како непријатели. Тие не се наши непријатели, тие се Американци“, додаде тој.

Најголемите американски телевизии и новински агенции синоќа ја прогласија изборната победа на Бајден по конечното доделување на електорските гласови од Пенсилванија на кандидатот на Демократската партија. Тоа беше доволно Бајден да го однесат над границата од 270 електорски гласови потребни за обезбедување на претседателскиот мандат.

Неговата партнерка во претседателската трка, Камала Херис, ќе стане првата жена потпретседател на САД. Официјално функцијата ќе ја преземат на 20-ти јануари следната година.

Трамп засега одбива да го признае поразот, најавувајќи правна битка за исходот во повеќе клучни држави кои ги освои Бајден. Актуелниот претседател, без да понуди никакви факти и докази, на неколку пати обвини за масовна изборна измама против него. Иако синоќа многу истакнати политичари од Републиканската партија не му го честитаа изборот на Бајден, сепак имаше неколку исклучоци – како поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, кој во 2016 година му беше противкандидат на Трамп и Мит Ромни, претседателскиот кандидат од 2012 година кои веднаш по прогласување на победата преку социјалните мрежи испратија честитки до новоизбраниот претседател на САД.

Бајден, на национално ниво, освои најмногу гласови во историјата на изборите на САД, скоро 75 милиони гласови, а оваа разлика се очекува да расте бидејќи и понатаму се бројат гласовите во доминантно демократските држави како Калифорнија и Њујорк. Во вкупниот број гласови Бајден го води претседателот Трамп со повеќе од 4 милиони гласови разлика.

Бајден ќе стане 46-тиот претседател на САД. Тој кампањата ја водеше на ветувања за зголемување на минималната плата и инвестиции во зелена енергија, реформа на кривичното право за заштита на малцинските заедници, повторно приклучување во Парискиот климатски договор, проширување на здравствената заштита, универзално претшколско образование, проширување на бесплатното високо образование, враќање на угледот на САД во надворешната политика, како и проактивна борба со Ковид-19.