Отворено средното училиште во Шуто Оризари

Средното училиште во општина Шуто Оризари денеска беше пуштено во употреба. Во него учениците ќе можат да се образуваат за медицински сестри, градежни техничари, келнери, фризери.

Како што соопштија од МОН, во средното училиште во Шуто Оризари ќе има повеќе струки и профили. Средношколците можат да се определат за здравствена струка, (образовен профил медицинска сестра), градежно – геодетска струка (образовен профил градежен техничар), угостителско – туристичка струка (образовен профил келнер), економско – правна и трговска струка (образовен профил економски техничар) и лични услуги (образовен профил фризер).

„Станува збор за првото средно училиште кое е изградено на територијата на општина Шуто Оризари. Изградбата на ова училиште во голема мерка ќе им помогне на средношколците кои живеат во овој дел на Скопје. Наместо да патуваат до средните училишта кои се наоѓаат во другите општини во главниот град, образованието ќе можат да го продолжат во непосредна близина на нивните домови“, изјави на отворањето министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

Новото училиште се протега на површина од 4405 метри квадратни.  Во склоп на новата зграда се наоѓа и училишната библиотека, како и спортска сала.

Настава во училиштетото ќе можат да следат 400 ученици во една смена.