Отворено седмото издание на „МакеДокс“

Во Куршумли-ан синоќа се бараше столче повеќе на отворањето на седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. На филмската програма беа премиерата на документарниот филм „Мојот превртен свет“, во режија на Петра Селишкар, како и два целовечерни концерти. Пред публиката настапија Крис Екман и неговата група „Фрикшнс“, по што следеше заедничкиот настап на диџеј Димитри од Чаир со гитаристот Тони Китановски.

Документарниот филм „Мојот превртен свет“ е приказна базирана на музика со песните на култниот словенечки актер, режисер, поет, писател и кловн Фране Милчински – Јежек. Филмската екипа што работеше на филмот, меѓу кои беа снимателот Бранд Ферро, монтажерите Доријан Миловановиќ и Владимир Гојун, музичкиот продуцент Крис Екман, како и продуцентите на филмот, беше пречекана со овации по проекцијата, додека благодарност до екипата и до присутната бројна публика изрази Петра Селишкар.

„Навистина ме радува што ве гледам во толкав голем број и оваа вечер сакам да ја посветам на сите оние што не се со нас“, изјави Селишкар, која, исто така, рече дека Јежек бил голема инспирација за правењето на филмот и изрази благодарност до своето семејство за трпението во изминатите осум години, колку што траеше подготовката на „Мојот превртен свет“, а даде поттик и до присутната публика да донира средства за настраданите во неодамнешните поплави во скопскиот регион. Притоа беше посочено дека во рамките на детските работилници во наредните денови на фестивалот ќе се направи обид да учествуваат деца од загрозените подрачја.

На отворањето, целата екипа што работи на фестивалот со кромид во рацете ја поздрави публиката. Со мото „Сите сме приказна“, седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ почна синоќа и ќе трае до 26 август 2016 година.

За вечерва, 21 август, со премиерата на македонскиот филм „СТУДаНТС“ на Тамара Котевска, во 22.30 часот, ќе биде отворена програмата „Студентски приказни“, чиј редовен термин во текот на фестивалот ќе биде на платото пред Куршумли-ан, со почеток на полноќ. Малку порано, во 21.10 часот, со филмот „Под сонцето“ на Виталиј Мански на 21 август се отвора и програмата „Руски снег“.

Исто така, на вториот ден почнуваат и две работилници „Сторивуд“ за млади и сите што се чувствуваат млади и четиридневната работилница за уметноста на раскажувањето во хип-хопот со Димитри од Чаир.

Во програмата Нови автори се прикажува филмот „Јонас и циркусот во задниот двор“ на Паула Гомес од Бразил, додека во програмата Кратки документарци се прикажуваат „Фигура“ на Катарзина Гондек и „Уште еден обичен ден во Египет“ на Никола Илиќ и Корина Швингрубер Илиќ. Продолжува и традицијата со разговорите „Под смоква“, каде на првата сесија во дворот на Куршумли-ан учествува екипата на филмот „Мојот превртен свет“.

Со отворањето на фестивалот беше отворена и изложбата на фотографии „Патувањата на магаренцето на МакеДокс“, која ќе може да се види до крајот на фестивалот.