Отворено предавање во МКЦ: Симболиката на голотијата

Зошто голото човечко тело е толку често во фокусот на уметноста? Какво влијание има врз публиката и колку е важен контекстот во кој се појавува? Има ли линија меѓу еротика и порнографија? Или пак разлика меѓу еротско и еросно? Каква е филмската уметност наспроти арт-порнографијата?

Вака Гледај.мк и МКЦ го најавуваат отвореното предавање „Симболиката на голотијата“ кое на 29 септември (сабота) ќе се одржи во Младинскиот културен центар со почеток од 13 часот.

„Низ историјата, голото тело често било прикажувано како симбол на низа контрадикторни идеи. Од една страна, кревкост и невиност. Од друга страна, заводливост и страст. Голото тело може да е геометриски совршено, но и прекршено и нејасно. Од викторијанската ера, до постмодернизмот, голото тело „поминало“ различни фази на прикажување и доживување. Од морализаторски флоскули до линија на порнографијата, едно е сигурно: ‘вкусната’ употреба на голотијата провоцира многу комплексни реакции кај публиката“, стои во најавата за предавањето.

На настанот, заедно со менторите Влатко Галевски, Васко Маглешов и Ана Стојаноска ќе се разговара за симболиката на голотијата во светските и македонските дела од филмот и театарот.