Отворено предавање „Онлајн безбедност на генерацијата Z: Како до приватна и безбедна комуникација на интернет“

На 27 февруари со почеток од 16 часот преку платформата „Зум“ ќе се одржи отвореното предавање „Онлајн безбедност на генерацијата Z: Како до приватна и безбедна комуникација на интернет?“, на кое предавач ќе е Гоце Арсовски од Фондација Метаморфозис.

„Кога голем дел од нашите животи, учење, дружење и забава се случуваат онлајн, може да го искористиме периодов за да си ја подобриме безбедноста во дигиталниот простор. На ова предавање ќе зборуваме како да имаме безбедна приватна онлајн комуникација, да се заштитиме од онлајн вознемирување или булинг, фишинг, злоупотреба на податоци и како да се грижиме за менталното здравје додека сме онлајн“, се вели во најавата за настанот.

Учесниците на предавањето, како што се најавува, ќе добијат информации како безбедно да го користат дигиталниот простор, да ги препознаваат заканите, како и да ја заштитат нивната приватност.

Заинтересираните за предавањето потребно е да се регистрираат однапред на овој ЛИНК, најдоцна до 26 февруари, петок. Потоа, пред настанот на мејл адреса ќе добијат линк за приклучување на предавањето, се објаснува во најавата.

Настанот е организиран од Младински образовен форум со поддршка од Иницијативата за демократија на Западен Балкан на Фондацијата за демократија на Вестминстер.