Отворено писмо: Студенчишко блато е филтер на Охридското езеро и не смее да се уништи!

Советот на Општина Охрид во петокот (27 март), расправаше за урбанизацијата на Студенчишко блато крај Охрид, при што советниците од власта, поддржани со став од неколкумина научници од охридскиот Хидробиолошки завод, аргументираа дека Блатото повеќе не постои и дека е сведено на само неколку хектари неуредено земјиште покрај езерото.

На ваквиот став, кој ќе значи дека локалната власт ќе ги измени урбанистичките планови и ќе дозволи комлетна урбанизација на просторот на Блатото, односно изградба на најразлични објекти на тоа место, се спротивставува граѓанското движење Охрид СОС, но и повеќе месни заедници од крајбрежните населби, кои потпишаа декларација за стопирање на штетните проекти за урбанизирање на делови покрај Охридското Езеро и националниот парк Галичица.

Отворено писмо: Студенчишко блато е филтер на Охридското езеро и не смее да се уништи!

Реагираа и неколку реномирани експерти, меѓу кои и проф. д-р Трајче Талевски, научен советник во Хидробиолошкиот завод.  Неговото отворено писмо во врска со оваа тема го пренесуваме во целост:

Господа,

Вашата одлука која вчера, како Совет на град Охрид ја донесовте и покрај нарачаните експертски мислења од Хидробиолошки завод дека блато нема, сепак Блато имало. Значи не е точно дека нема. Да господа, мислењето од Хидробиолошки завод одеше во ваш прилог а на штета на Езерото. И на штета на Институтот. Присуствував на вчерашната седница на Советот. Извојувавте победа. Можеби успеавте да поведете да се изразам спортски со 1:0, но за фер плеј имате најлоша оцена. За да го реализирате овој резултат се обидовте и за жал успеавте да го срушите имиџот, реномето, угледот и се она што Хидробиолошки завод го градеше изминативе 80 години. Но тоа нека им биде на душа и совест на Вашите „соучесници“ во оваа игра без разлика дали се директно или индиректно вклучени. Сеедно. Штетата е направена. И тоа огромна.

Во Хидробиолошки завод работам речиси триесет години. Вакво понижување на струката, омаловажување на научната работа и достоинство не сум доживеал досега. Хидробиолошки завод никогаш не бил во служба на дневна политика како што се случи вчера. Секогаш бил во служба на Езерото и неговата заштитата.

Впрочем и за тоа е формиран да биде коректор и насочувач на заштитата на Езерото. Само како пример. За да се заштити Охридското Езеро од загадување Хидробиолошки завод во далечните седумдесети предага да се изгради колекторскиот систем. Изготвувач и подносител е на документацијата за номинација на Охридското Езеро како светско природно богатство заштитено од UNESCO. Ова колку да го знаат оние кои така лесно се играат со реномето на Институтот. А и да не се заборави. Хидробиолошки завод опстоил во во континуитет во четири држави. Го формирале уште во 1935 година извонредно паметни луѓе кои го увиделе значењето на Езерото и тоа замислете за време на кралевина СХС. Ја преживеал и бугарска окупација, а на Првото заседание на АСНОМ, со наредба, хитно и неодложно се отпочнува со работата на „хидробиолошката станција“ и еве го и ден денес постои и опстојува и во самостојна и независна Република Македонија.

Одвоеноста од политиката и непотклекнувањето на изнудени барања беше јака страна на оваа институција. Вчера протона во политичките игри. Протона до гуша во калта. За да биде иронијата поголема протона во Блатото кое го „немало„. Имаше знаци на тонење и при давањето на несоодветни мислења за поголем број на проекти со кои се уништува Охридското Езеро. Охрид без Езерото нема да го биде а Езерото без Блатото уште помалку. Има една убава мисла „јазикот коски нема ама коски крши“. Ќе се памти и кој што кажал и за која цел и какви штети или добрини направил неговиот кажан збор. Вчера од еден говорник научив како може да се држи предавање за тоа што е блато, а говорникот да не влегол во него и фотографиите кои ги направил да ги покажува како слики од Блатото а да не го сврти објективот од камерата на другата страна на сообраќајницата каде што се уште има 20 хектари блато е во најмала рака некоректно, непринципилелно, тендециозно и злонамерно. Згора на тоа за блато да покажува делови од појасот на трска на потегот Струга према Калишта.

Повеќе време сум поминал во Езерото и Блатото кое и за Хидробиолошки еве вчера разбрав дека го немало, одколку што сум бил на суво. И да биде иронијата поголема Хидробиолошки завод преку делегираниот експерт ви вели дека нема блато а вие и ако го нарачувате не го цените неговото мислење и донесувате одлука дека треба да се заштитат 5 хектари нешто што во нарачаното мислење го нема. Каде ги најдовте овие 50.000 квадрати господа. Прво на цел глас велите дека нема Блато, па за да ви ги задоволи Вашите погледи и апетити ја срозавте институцијата Хидробиолошки завод и ја спуштивте на дното. Дно под дното. Без разлика на вашата одлука таму се уште има Блато господа советници и тоа не 5 хектари туку најмалку уште три пати по толку. И вие немате право да го уништите. Никој не ве гласал да им је земете иднината на нашите деца да пијат чиста вода од Езеро. Немате право да го уништите филтерот на Езерото. Кој ви дал право да уништувате еден екосистем. Јас не.

Отворено писмо: Студенчишко блато е филтер на Охридското езеро и не смее да се уништи!

Од Локалната велат дека биле среќни што нивното делување (само не знам кое делување) во овие две години успеало да ги отвори видиците и еднаш засекогаш се надминала бариерата дека на тој простор има функционален систем блато во кој живее жив свет и е природен филтер на Езерото. Било неточно дека на тој простор има организирано блато. Изјавата е очигледно дадена пред гласањето кога се изгласа дека има најмалку 5 хектари организиран блатен екосистем.

На Симпозиомот кој ќе се одржи од 16-18 септември оваа година по повод 80 години од основањето на Институтот една од секциите ќе биде во смисла на „Блатни екосистеми и нивно менаџирање“. Како заменик претседател на организациониот комитет би сакал да го поканам експертот од странство кој рекол онака „од ракав“ дека нема блато да ни одржи тематско предавање за проценка на постоење или непостоење на блатен екосистем, ама немам контакт адреса. А баш би сакал да знам кој е тој „експерт“. Околу уништувањето кој прв почна. Воопшто не е битно. Битно е кој ќе го спречи и спаси. Не морате да се повикувате на стручните служби во Општина господа, дојдете во Хидробиолошки завод. Ќе ви ја покажеме целата документација и историја за Блатото. Ќе ви го покажеме и прифатениот проект на Влада на Република Македонија, за ревитализација на Студенчишко блато, кој требаше да се реализира со средства од продажбата на „Телеком“, но се одложи поради тоа што Република Македонија тогаш, во 2001 година, средствата ги пренамени за одбрана на својот територијален интегритет. А ќе ви дадеме и високи чизми за да влеземе во тој за вас неорганизиран екосистем каде нема флора и фауна.

Не од говорница и со фотографии, на лице место ќе ве уверам дека таму има толку Блато. Ако мислите дека нема Блато Ве поканувам да влеземе заедно, но јас ќе влезам со моите високи чизми до гуша а вие, поради тоа што немало блато, можете да влезете и со чевли. Па нели нема блато.

Проф. д-р Трајче Талевски, научен советник и раководител на одделението за краповидни риби

П.С. Не знам дали после она што му направивте вчера на Хидробиолошки завод е се уште чест да се кажуваш дека си вработен таму.