Отворено писмо на Наставнички пленум до Мартин Ромер

Наставнички пленум упати отворено писмо до претседателот на Европскиот синдикат за образование Мартин Ромер, со цел да го запознаe со актуелните проблеми во македонскиот образовен систем, улогата на Самостојниот синдикат за образование на Македонија (СОНК), улогата на другите релевантни државни институции кои ги осмислуваат и осовременуваат образовни политики во државата и потребата од неформално здружување на наставниците од основните и средните училиште како последица од новонастанатите процеси.

Тие од него очекуваат конкретен одговор, искрена препорака и предлог за надминување на проблемите во македонското образование.

Во писмото, Пленумот ги наведува барањата за мораториум на усвоените закони, Законот за наставници во основно и средно образование и Законот за Академија на наставници, со цел заедничко утврдување на слабостите и предизвиците, градење на заедничка стратегија за развој на образованието и изготвување на нови закони за основно и средно образование во што ќе бидат вклучени сите чинители на воспитно-образовниот процес.

„Нашата реакција и нашите укажувања за слабите страни во реформите и законите не беа конструктивно прифатени, членството на НП беше и е сè уште предмет на постојани вербални напади и притисоци, со беспредметни етикетирања на политичка основа дека претставува некаква продолжена рака на опозициските политички фракции.

НП смета дека раководството на СОНК не ги исполнило очекувањата на неговите членови пропишани во барањата на Генералниот штрајк. Сепак НП, поради макотрпните заложби во изминатиот период пред и по Генералниот штрајк, сè уште верува дека постои надеж во синдикалното дејствување и ингеренциите на СОНК и искрено бара во пократок можен рок да се организира состанок помеѓу раководството на СОНК и НП заради отворен и конструктивен приод во разрешување на проблемите во спорните ставови и отворање на дијалог за соработка“, стои во отвореното писмо до Ромер.

Вчера пак, генералниот секретар на Интернационалата за образование, Фред ван Лејвен, го поздрави договорот склучен помеѓу МОН и СОНК, со кој според него се разрешил конфликтот кој постоел.

По средбата со министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, заменик министерот, Спиро Ристовски и претседателот на СОНК, Јаким Неделков, Лејвен изјави дека тие ги подржуваат МОН и СОНК, кој е членка на Интернационалата за образование, да изнајдат решенија за подобрување на квалитетот на образованието во државата.

„Ние веруваме дека Македонија го има избрано вистинскиот пат за подобрување на квалитетот на образованието. Го потсетивме министерството дека за да се подобри квалитетот на образованието мора да се даде повеќе професионален простор на наставниците. Истовремено мора да им се даде на организацијата која ги претставува – СОНК, доволно простор да можат да предлагаат како образованието да се подобрува“, рече Лајвен.

Во писмото на Наставнички пленум, се вели дека соработката помеѓу СОНК и НП е неминовна и претставува акт на доброчинство за професијата наставник и за основното и средното образование.

Целото отворено писмо на Наставнички пленум до Мартин Ромер може да го прочитате ОВДЕ.