Отворено писмо до „транзициската генерација“ (родена по 1991)

Отворено писмо до „транзициската генерација“ (родена по 1991) Драга наша иднино,

Како сте? Се надевам добри. Денес, на 22риот роденден на нашата држава, ви се обраќам вам, девојки и дечки, жители на Македонија, родени во последните 22 години, бидејќи имам една молба до вас.

Но прво, дозволете ми да ви се претставам. Се викам Игор, роден во Скопје во деветсто-80та, од мајка Aнгличанка и татко Mакедонец, но преселен во Англија во ‘92, по распадот на Југославија. Откако ми се роди ќерка пред осум месеци, се повеќе мислам на иднината и како нашите деца навистина се оние кои ќе имаат и моќ и способност да го променат целиот свет… или нашиот регион… или барем нашата мала држава. Но, генерацијата на ќерка ми, здравје, ќе дојде на ред за едно три-четири декади. Сега, многу наскоро, вие ќе бидете на ред, и вашата генерација е онаа која ќе не’ води.

Дали сте се запрашале каде би сакале да не’ однесете? Како би сакале да изгледа вашата земја/град/маало за 10/15/20 години? И да не ве интересира политика, вреди да размислите подлабоко околу овие прашања, бидејќи, сакале неќеле, еден ден од вас ќе се бараат одговорите. А јас верувам дека токму вие ќе ги имате тие одговори на дланка. Зашто? Зошто вашата генерација е првата која порасна во време кога може реално и лесно да се живее надвор од овие физички граници на една мала држава во југоисточна Европа во тешка економска/политичка/социјална/идентитетска ситуација. Зошто вие сте првите кои пораснаа со Интернет, и со целокупната свест и мудрост на човештвото претставена на вашите комјутерски екрани. Зошто вие сте првите коишто, додека растевте, лесно можевте да добиете информација за било што, од било каде и било кога.

И тука е мојата молба до вас: кога станува збор за сегашноста или иднината на нашата држава, и на вашите животи, немојте слепо да верувате никому! А особен она тоа што ви се прикажува на вестите и во весниците, и апсолутно се’ она што излегува од устите на нашите политичари. Сепак, за жал, најмалку треба да им верувате на вашите родители. Сакајте ги, почитувајте ги, слушајте ги внимателно кога ви зборуваат, но немојте слепо да им верувате. Ова ви го велам бидејќи родителите, свесно или несвесно, сакајќи или несакајќи, им го перат мозокот на своите деца (како што вели оваа кратка песна на англискиот поет Филип Ларкин:http://www.poetryfoundation.org/poem/178055). Запаметете дека тоа што они, од љубов за вас, ви го кажуваат е нивното мислење, нивниот поглед на светот, кое се формирало после многу години животно искуство, но кое понекогаш ви се сервира како апсолутна вистина. Такво нешто нема. Се’ е релативно. На тој начин тие можат да ве убедат или дека горе на небо има семоќен старец кој веќе има се’ решено за се’ што ќе се случи на планетава земја, или дека сите сме само ѕвездени честички и дека сме дел од една севкупна енергија која вибрира низ целиот универзум. Вашата вистина, тогаш, во голема мера зависи од вистината на вашите родители.

Од друга страна, пак, нашиве политичари, преку нивните медиуми и секојдневниот напад врз вашите уши, очи и мозоци, ве убедуваат дека светот е црно бел, дека секогаш мора да одберете страна, дека ,,или си со нас или си против нас”. Или си ВМРО или СДСМ. Или ДУИ или ДПА. Не ви дозволуваат да бидете во средина, да дишете непартиски воздух. Не ви дозволуваат да мислите сами за себе; треба едноставно да им дозволите тие да мислат за вас. Со други зборови, сакаат да ве контролираат, а тоа најлесно се прави преку заплашување. И затоа ве убедуваат дека Македонија е проколната, дека нема решенија за нашите проблеми (но дека ние не сме криви), дека треба да бидете среќни ако добиете работа откако ќе покажете партиска книшка, дека Македонци и Албанци не можат да живеатзаедно… Ви ја поставуваат матрицата во којашто тие сакаат да функционирате, и се’ она што го зборуваат ви е повторно претставено како апсолутна вистина.

Но, таа не мора да биде и вашата вистина. Вие треба, и мора, да си ја најдете сопствената. Треба и мора да престанете да верувате во тоа што некој ќе ви го каже, без самите да го проверите. Треба и мора да слушате и читате различни мислења за работите што ве интересираат, и потоа самите да одлучите што е точно, а што погрешно, што вистина а што лага. Еден мал совет: ништо не е црно-бело, и секоја приказна има три страни: мојата, твојата и вистината (која обично се наоѓа некаде помеѓу првите две). Но, не ми верувајте! Самите проверете си.

Како? Ако ве интересира нашата политика, читајте ги истите вести на веб страниците на Сител и на А1on. Гледајте ги пресконференциите и на ВМРО и на СДСМ, или ДУИ и ДПА, а не само лажната вистина на едната, „вашата“ страна. Ако повеќе ве влече глобалната состојба (климатските промени, недостатокот на вода и храна за милијарди луѓе, финансиската криза…) читајте вести на http://truththeory.com и гледајте документарци на Интернет (да, има што да се прави таму освен Facebook). Би можеле, например, да почнете со Zeitgeist (http://www.zeitgeistthefilm.com), особено третиот дел, или со Thrive (http://www.thrivemovement.com/the_movie). Ако ви се допаднат,тогаш можете да продолжите со Zeitgeist Addendum и Zeitgeist Moving Forward. Ако ве интересира распадот на Југославија и зошто цело време слушате што/како било тогаш, гледајте го Weight of Chains (Тежината на синџирите)http://www.youtube.com/watch?v=waEYQ46gH08. Што и да ве интересира, истражувајте, бидејќи секаква информација ви е на само неколку клика оддалеченост. Немојте слепо и молкум да верувате.

Но, ова се само предлози и совети, и повторно ќе ве замолам, не ми верувајте! Запрашајте се зашто ви го пишувам ова. Кој ми плаќа? На чија страна сум? И продолжете така да се запрашувате секогаш кога ќе прочитате/слушнете/гледате вести. Само на тој начин ќе можете самите да одлучите во што да верувате, а во што не, и да се приближите до вистината. Еве ви еден пример на 12 годишно дете во Египет, кој среде многу сериозна криза во неговата земја, токму тоа го прави:http://www.upworthy.com/a-12-year-old-egyptian-boy-flabbergasts-an-interviewer-they-werent-expecting-a-political-genius-4.

На крај, мора да ви признаам една работа. Можеби не е фер, но кога мојата генерација зборува за вашата, се шегуваме дека вие сте ‘изгубена’ генерација. Изгубена бидејќи бевте родени и пораснавте во т.н. „транзиција“, т.е. исклучително тешка ситуација во сите погледи за вашите родители. Наводно, не сте доволно добро воспитани, не почитувате авторитети, не трчате да купите цигари за постарите во вашето маало… Но, токму поради истиве овие причини јас сум убеден дека вие ќе ја донесете промената која нам ни е толку потребна. Токму поради тоа што не размислувате и не функционирате на истиот начин како ние пред вас. Но, таа ваша бунтовност треба да ја насочите кон правата мета, а таа е активности наменети за општото добро и подобрување на ситуацијата во вашиот влез/маало/град/држава. Бидејќи, очигледно, после 22 години независна Македонија, ние пред вас не успеавме тоа да го направиме.

Од вас зависи. Не од вашите родители, ни од вашите соседи и пријатели, ни од ВМРО, СДСМ, ДУИ, ДПА, ни од другите 20 политички партии. Од вас. Вашите одлуки ќе бидат пресудни во наредните години, и пак ќе ве замолам да не дозволите да бидете манипулирани токму сега кога станувате полнолетни и се соочувате со реалноста која ви ја имаат припремено генерациите пред вас. Таа реалност е наша, но не мора да биде и ваша, и затоа нема кој друг да ја промени за подобро освен вие – ‘изгубената генерација’, која веројатно лутајќи низ оваа џунгла ќе го пронајде вистинскиот пат.

Ве поздравувам со почит и оптимизам,

Игор Стефановски