Отворено писмо до Sony од незадоволен македонски купувач

Танер Селим, програмер од Македонија и купувач на производите на компанијата Sony, во својот блог-пост отворено реагира поради нелогичностите во изборот за тоа кои земји имаат пристап до PSN Store.

Го пишувам ова како жалба, но и како објаснување за Sony. Со оглед на тоа што се светски признаена компанија, треба да бидат информирани за нивните грешки.

Што го поттикна ова писмо?

Пред неколку дена мојот 7-годишен син (кој е страстен „гејмер“) реши дека сака да игра „Minecraft“ на нашата нова конзола Playstation 4. Бидејќи е добар ученик, како и секој добар родител, решив да му купам електронска верзија од играта за него. За жал, живеам во економски нестабилна, институционално корумпирана земја со најлош Индекс на човечки развој на европскиот континент – Македонија, и не можев да отворам PSN сметка. Како и нивните конкуренти во продажбата на конзоли, Sony (мислев) се определиле да ги изостават сите земји кои се доказ за владин и правосуден неуспех како мојата!

Едноставно истражување на форум за Sony го даде овој одговор: „Причината поради која вашата земја нема Playstation Network Store (PSN продавница) е поради вашата влада и законските регулативи!“. Фер, вистина е дека сме ужасни во тој аспект и многу други!

Затоа, без многу да должам, ја направив втората најдобра работа. Ја одбрав Холандија како земја во која живеам, бидејќи брат ми живее таму и има постојана адреса. Додека ја барав Холандија на листата, сфатив дека треба да го напишам ова писмо. Имено, на листата наидов на земји како Саудиска Арабија, Катар и Соединетите Арапски Емирати.

Тоа за мене беше големо изненадување. Ме натера да размислувам дали Sony воопшто ги истражиле регулативите на мојата земја добро или не. Не можев да најдам ниту една логична причина зошто е тоа така. Затоа и го напишав писмово.

Писмото/мејлот

Драг Sony,
Јас сум незадоволен македонски сопственик на нов Sony Playstation 4. Иако сосема се согласувам со вашата политика на охрабрување на развој на корумпираните земји преку запирањето на нивниот пристап до PSN продавниците, никако не можам да ги разберам вашите критериуми за одредување кои земји се квалификуваат, а кои не за пристап до овие продавници.

Бидејќи сум во Македонија (територијално во Европа), бев информиран (преку Sony PSN форуми) дека „всушност не е вина на Sony што „Макоднонија“ нема можност за купување, туку владините и законските регулативи на мојата земја не се во согласност со политиката на Sony“.

Затоа, сакам да ви разјаснам неколку факти! Имено, иако треба да поработиме за да го достигнеме стандардот на, да кажеме, Холандија, а земјата ја води семејство на тоталитаристички социопати, еве листа на закони кои НЕ ВАЖАТ за нашите граѓани:

  1. Жените кои се жртви на силување НЕ СЕ јавно казнети со 90 удари со камшик бидејќи „биле сами со маж кој не им е роднина“ – како што прават во Саудиска Арабија, која има PSN продавница
  2. НЕ ги камшикуваме нашите граѓани поради пиење алкохол или имањ е на „недозволен“ секс, или делење на приватен простор со личност од другиот пол – како што прават во Катар, кој има пристап до PSN Store
  3. Немаме закон кој може да ве смести во затвор (или полошо) поради непристојно облекување!!! – како што прават во Соединетите Арапски Емирати, кои имаат пристап до PSN Store
  4. Не одржуваме (и не можеме да одржуваме) седум отсто од економијата на САД со перени пари – како што прават САЕ и Катар

Всушност, и покрај политичката и владината корумпираност (кои се присутни и во земјите споменати погоре), со сигурност можам да кажам дека нашите основни човекови права (за разлика од земјите погоре) се заштитени и загарантирани со устав.

Не бев сигурен дали вие, дечките во Sony, бевте свесни за ова, па решив да ги споделам со вас овие слободни и достапни информации.

За крај, сакам да додадам уште една работа. Претпоставувам дека бидејќи сте компанија од светска класа, применувате и таква етика, а со оглед на тоа што сум муштерија на Sony, и како таков – секогаш сум во право (муштеријата е секогаш во право), би сакал да предложам кога веќе имате официјални продавници на Sony во Македонија, погодно е да ни обезбедите и пристап до PSN Store.

Би го ценел вашиот одговор за ова.

Сѐ најдобро,
Танер Селим,
муштерија на Sony