Отворено писмо до Кирил Спироски, претседател на СПУКМ

Групата „Операција студентски дом“ упати отворено писмо до студентскиот лидер Кирил Спироски, а поради неговата изјава дека нивната акција е политички мотивирана. Писмото го пренесуваме интегрално:

Иницијатива „Операција студентски дом“: 20 часа реалност

„Мислам дека актуелизирањето на оваа тема, што е проблем со години, не само на оваа, туку и на претходните влади, мислам дека е од политички причини. Она што ние го правиме како Студентски парламент е постојано да вршиме институционален притисок за да може да се реши проблемот со студентските домови и конкретно со Студентскиот дом Гоце Делчев и мислам дека ќе имаме позитивен ефект од сето тоа – рече Спироски.

Од „Операција студентски дом“ се револтирани што нивната активност за да го свртат вниманието на јавноста на хорор-условите во кои живеат Спироски сака да ја припише на политички мотиви.

„Господине Кирил Спироски, претседател на СПУКМ, со големо задоволство и гостопримливост ве покануваме на мала екскурзија низ студентскиот дом Гоце Делчев со целосен пансион.

Дојдете и туширајте се во нашите туш кабини, посетете ги нашите тоалети, чекајте до 40 мин. во редот за ручек кој однапред знаете дека е во одредени количини, а кога ќе снема за вас, земете ладен ориз, компир или макарони од вчера, чекајте саат време во бонската продавница за сок, паштета или зденка, а ако снема, вратете се во собата и дишете и спијте таму со влагата и печурките по ѕидовите, снаоѓајте се како знаете со прозорците од кои дува промаја, покривајте се со ќебиња на зима кога нема парно а греалката е забранета, заклучувајте се убаво за да не ве испокрадат било кои луѓе кои успеале да си влезат во домот зошто рецепцијата не работи и вработените се на пауза, хранете ги мачките по ходниците, идете секој ден пешки по скалите до 14ти спрат додека “работат” на поправка на лифтот, пробајте да најдете добра интернет конекција, идете по бањарка во Јануари долж ходникот на другиот крај за да се истуширате со и онака ладна вода, и многу слични наши секојдневни активности. Пробајте, и тогаш кажете ни со која партиска боја е обоена нашата туш кабина? Со која партиска боја е обоен компирот на 3 начини и ладниот ориз? Со која партиска боја се обоени празните фрижидери? Со која партиска боја се обоени прозорците со пур – пена и ладните радијатори? Со која партиска боја е обоена нашата реалност?

Господине Спироски, ФАКТИТЕ не можете и не смеете да ги негирате и извртувате, тие едноставно постојат и ви бодат очи! Срамота за вашата позиција и одговорност е истите да ги игнорирате! Супер е тоа што седнавте на фотељата и си ја уживате позицијата, ама не си ги заборавајте должностите! Немојте да заборавате дека вашата првична одговорност е да ги застапувате и поддржувате студентите, да го претставувате нивниот став, да им излезете во пресрет на барањата и проблематиките со кои се занимаваат и да им помогнете истите да ги решат! Студентите (оние кои вие би требало да ги застапувате) сега изложуваат конкретен проблем и бараат решение, а каде сте вие? Или имате некоја поважна работа?“, се вели во писмото до Спироски.“

Операција студентски дом