Отворено е пријавувањето за Драмскиот аматерски фестивал во Кочани

Управниот одбор на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија, кој традиционално веќе половина век се одржува во Кочани, соопшти дека годинава ДАФ ќе се одржува од 25 до 30 мај. На својата веб-страница Управниот одбор ги објави пријавата, поканата и правилата за учество на годинашниот ДАФ.

Заинтересираните аматерски драмски групи и секции, алтернативни и експериментални театари од денеска можат да доставуваат пријави за претставите со кои би настапиле. Пријавувањето трае до 10 април, а до 30 април драмскиот проект со кој се конкурира треба да биде доставен на ЦД до управата на ДАФ во Кочани.

Потоа започнува работата на селекторот кој го има крајниот збор во изборот на претставите што ќе влезат во официјалната програма на фестивалот. Право на учество на 51-от ДАФ имаат претстави на аматерски театри и драмски групи од Македонија.

На фестивалот и годинава е планиран настап на аматерски драмски групи од странство за кои, исто така, важат правилата за учество на фестивалот.