Отворено: Дебата за слобода на медиумите

Слободата на медиумите е тема во новото издание на дебатната емисија Отворено, на која прашањата до говорниците ги поставуваат граѓаните.

Дебатата ќе се обиде да даде одговор на следниве прашања: Како се случи Македонија да падне на рангирањето на слободата на медиумите од 34-то на 123-то место во светот за само неколку години, а во 2015 год. да сме последни во Европа според Репортери без граници? Како до медиуми ослободени од притисоци, влијанија и (само)цензура? Се почитуваат ли новинарските кодекси, правила и стандарди; што беше тоа етика и општествена одговорност? Што да се очекува од партиските преговори за медиумите, без вклученост на медиумите?

Говорници ќе бидат Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Мигена Горенца, главен и одговорен уредник на вториот програмски сервис на Македонската телевизија, Тамара Чаусидис, претседателка на Синдикатот на новинари и медиумски работници и Мухамед Зекири, ТВ Шења, поранешен уредник на Алсат.

Поставување прашања и пријавување за учество преку социјалните мрежи фејсбук и твитер се прави на линкот http://goo.gl/26sAVs или на телефонот на Отворено: 077 508 843.

Емисијата се снима неколку часа пред емитувањето, во 16:00 часот во Томато продукција, а ќе се емитува на 24 Вести во понеделник, 15 февруари, во 20:40 часот.

„Отворено“ овозможува дискусија меѓу поканети говорници и публиката за важните прашања кои не се доволно аргументирани во јавниот дискурс. Секоја дебата ќе обезбеди дискусија на нова тема, за кое ќе дебатираат четири јавни личности и публика составена од експерти и заинтересирани граѓани.

ТВ Дебатите се проект на Националниот демократски институт во соработка со 24 Вести, Томато Продукција, JEF Македонија и Младински образовен форум, поддржан од Националната фондација за демократија (НЕД).