Отворено 13. издание на Интернационалниот „Скупи фестивал“

Со изведба на претставата „Карневалот е на Корча“ на Националниот театар на Косово од Приштина, вчера во Театар Комедија започна 13-тото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Скупи фестивал“ кој до 27 октомври ќе прикаже уште шест претстави од регионот и Русија.

Првата гостинска претстава, според текст на Спиро Чомора и во режија на Алтин Баша, е комедија од 19 век за богатите луѓе и нивната тенденција да ги „диригираат“ браковите на членовите на семејството.

Вечерва на програмата на „Скупи“ е бугарската претстава „Вујко Вања“ на театарот „Вазраждане“ од Софија; а во наредните денови ќе бидат изведени руската „Осамениот Запад“ на театарот „У моста“ од Перм; словенечката монодрама „Жените на Ибзен“ на Покет театар студио од Љубљана; српската претстава „Кири и Клодел“ на Пулс театар и терирем продукција од Белград; албанската „Добра ноќ, мајко“ на Метропол театар од Тирана и македонската „Жени пред нервен слом“ на Театар Комедија.

За наградите ќе одлучува тричлено жири: Уљка Мујо, Емин Аземи и Борче Начев.

Според организаторите, седумте претстави на 13. МТФ „Скупи“ се избрани од околу сто што се пријавиле за учество, а програмата, како што соопштија, била конципирана со компромис меѓу нивните можности и желбата да се донесат квалитетни претстави.