Отворените податоци се горивото на иднината, а македонските институции треба да ја подобрат својата достапност, отвореност и транспарентност. Денеска во организација на Министерството за дигитална трансформација и Фондацијата Метаморфозис се одржа јавна расправа за текстот на нацрт- Законот за отворени податоци и реупотреба на податоците од јавниот сектор, кој е усогласен со европските директиви и треба да ги утврди правилата и начините како да се стигне до отворените податоци, а на државните институции да им постави јасни протоколи како и кои податоци треба да ги објавуваат и да ги направат достапни за целата јавност, пренесува агенцијата Мета.мк.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски истакна дека законот е од голема важност бидејќи ќе треба да им помогне на институциите како да ги споделуваат податоците, но и да ги утврдат информациите кои се важни за невладинте организации и граѓаните и да бидат обврзани истите да ги споделат со јавноста. Тој посочи дека ова е шестиот закон што се услогласува во Поглавјето 10 и е многу важен за исполнувањето на стандардите и пристапот до Европската Унија, кои ќе значат развој и траспарентност на институциите.
„Се што е создадено со јавни средства треба да е пристапно на јавноста. Јавните институции многу често не знаат што треба да е отворен податок, каков е начинот на објавување и немаат доволно знаење и капацитет постојано да објавуваат материјали“, рече Андоновски.
Во рамките на процесот е предвиден и редизајн на Порталот за отворени податоци дата.гов.мк. Променет е оперативниот систем на Порталот кој сега е подостапен, а во соработка со Македонски Телеком, Министерството разви чатбот кој користи вештачка интелигенција и кој ќе им помага на граѓаните и сите заинтересирани полесно да дојдат до податоците. Техничката надградба на порталот ќе овозможи тој да ги влече податоците по автоматизам, со што ќе се генерираат големи дата сетови, кои треба да привлечат и поголем број на корисници.
Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка на Фондацијата Метаморфозис, истакна дека отворените податоци се горивото на иднината, а концептот се темели на принципот на отворен пристап и служење на јавното добро преку зајакнување на граѓаните, подобрување на бизнис околината и поттикнување на информиран општествен и економски развој.
„Во земјава овој системски концепт почна да се решава во 2011 година, во 2014 беше донесен законот за употреба на податоци од јавниот сектор, а Метаморфозис во овој важен процес е вклучен од самите почетоци. Ние веќе ги доставивме и нашите коментари на текстот на нацрт законот“, рече Даниловска Бајдевска.
Новиот закон за отворени податоци и реупотреба на податоците од јавниот сектор е транспозиција на Директивата 2019/1024 на Европската Унија во кој новина е опфатот на отворените податоци, според кој идејата е се да е отворено освен исклучоците, како што се личните и класифицираните податоци, податоците од истражувањата и сетовите податоци со голема вредност.

Фото: Мета: мк
Како што истакна Сандра Анастасовска од министерство за дигитална трансформација, целта на законот се иновации и нови апликации, услуги, поголем квалитет на податоците и развој на економијата и конкурентноста и информатичкото општество. Опфатот на институции во законот кои треба да се отворат податоците е широк, а ги вклучува и јавните претпријатија.
„Нова обврска е и преземање во целост и редовно ажурирање, институциите да имаат службено лице за отворени податоци, а тие да се од читлив облик и во предвиден формат. Законот го предвидува и централниот каталог, односно порталот дата.гов.мк, како единствена точка за пристап до отворените податоци, но тоа не ја исклучува и можноста за институциите да си имаат сопствени каталози на податоци“, рече Анастасовска.
Законот ги дефинира и категориите податоци кои треба да се отворени, а тоа се геопросторните податоци, податоците од животна средина, метеоролошките, статистичките и транспортните податоци. Новина се и одредбите за надзор, кои досега предвидуваа институциите да не се казнуваат туку да се едуцираат, но сега има предвидени и санкции, кои треба да бидат мотивација тие да ја исполнат и да одговорат на законската обврска.
Станислав Василковски од министерство за дигитална трансформација информираше дека Порталот за отворени податоци е платформата каде што сите институции ги објавуват своите податоци и каде што сите заинтересирани имаат слободен пристап до податоците, да ги разгледаат и користат. тој е клучната алатка за транспарентноста и отчетноста на институциите, а со неговиот редизајн се надградуваат сите функционалности, пристапноста и се планира интегрирање со други системи.

Фото: Мета.мк
„Новитет е опцијата најактивни институции, која е креирана за да ги поттикне што повеќе и почесто да објавуваат податоци. Надградбата овозможува и автоматско објавување и ажурирање на податоци, а не само рачно, поддршка за различни формати и подобрена безбедност“, вели Василковски. тој посочи дека АИ асистентот изработен со Македонски Телеком служи за пребарување и користење податоци преку природен јазик и ја поедноставува употребата на порталот.
Присутните на јавната расправа побараа законот да предвиди и институциите да имаат рокови за објавување на отворените податоци, да постои одговорност доколку дадат неточни податоци или доколку тие не се навремено ажурирани.






