Отворени две изложби во рамки на фестивалот за критичка култура КРИК

„Архиви на насилство“ и „Од дијаспори до различности“ се насловите на меѓународните изложби кои вчера беа отворени во Чифте Амам, во рамките на КРИК фестивалот за критичка култура.

На изложбата „Архиви на насилство“, учествуваат седум уметници од Македонија, Германија, Хрватска и Турција: Соња Шонбергер, Мишел Теран, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Memory of the world (Томислав Медак и Марсел Марс) и Зејно Пекунлу.

– Заедницата која се заснова врз култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството. Оваа приказна ја започнуваме во миг кога на нашето општество му е потребна една таква нова пловидба. Потребно му е ново пријателство за јавно добро, потребно му е ново втемелување, ново поврзување на сите расцепкани и прекинати врски. Потребно е градење платформа, платформи кои ќе создаваат органски и конструктивни кртички јадра, низ кои ќе се вткајуваат различните општествени слоеви и интереси, ќе се преиспитуваат можностите и границите. КРИК ќе застанe во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор, рече Искра Гешоска, претседателка на Контрапункт.

Втората изложба „Од дијаспора до различности“, која е дел од регионален проект ја организира Роберт Алаѓозовски, претседателот на Есперанца. На изложбата се презентирани делата на Ивана Ивковиќ, Рајко Радовановиќ, Младен Бундало, Нада Прља и дИСТРУКТУРА.

„Проектот „Од дијаспора до различности“ беше инспириран од потребата за ново разирање на дијаспората во контекст на променетиот амбиент на зголемена мобилност, глобализација и на различни начини на искусување на културните различности. Миграцијата е заедничка точка на културата на Балканот, но и на светот. Она што ни е една од целите на овој проект кој започна пред повеќе од две години, е да ги истражиме новите концепти на дијаспората и потребата да се напуштат застарените поими за дијаспората дека луѓето одат некаде и го редефинираат својот идентитет. И пораката до нашите политичари би била да заврши таа практика на сентиментализација на дијаспората и потоа злоупотребата што потекнува од таа сентиментализација, рече Алаѓозовски на отварањето на конференцијата.

„Секое од делата на оваа изложба отвара нови аспекти на значењето на миграциите и дијаспората, а сите од уметниците застапени на изложбата почувствувале лично што значи да се биде во дијаспора. Тука се зборува и за мигрнтите како еден од најгорливите проблеми на Европа сега“, рече на отворањето кураторот Мирослав Кариќ од Белград.

На прогамата на КРИК фестивалот за критичка култура, денеска почнуваат и презентациите и работилниците под заеднички наслов „Поетики на радикалното издаваштво“ во организација на Мултимедијален институт kuda.org од Нови Сад и на Контрапункт од Скопје.

Еден од централните настани на фестивалот, предавањето на светски познатата теоретичарка Светлана Слапшак, ќе се одржи во 19:30 часот во Чифте Амам, по што ќе следи и разговор со неа, кој ќе го води Ана Вујановиќ, независен културен работник во полето на современите перформативни уметности и културата, која живее и работи во Берлин.