Отворени денови на Универзитетот „Гоце Делчев“

Отворени денови на Универзитетот „Гоце Делчев“Универзитетот „Гоце Делчев“ организира oтворени денови за сите заинтересирани средношколци, млади луѓе и останати граѓани.

Отворените денови се можност сите заинтересирани да ги разгледаат просториите, лабораториите и наставните центри на УГД и ќе се одржат од 7 до 10 мај, во периодот од 11.30 до 14.30 часот.

Од универзитетот соопштуваат дека заинтересираните посетители ќе бидат пречекани од професори или асистенти, при што ќе имаат презентација на сѐ што поседува соодветниот кампус на УГД. Отворените денови ќе се одвиваат во сите кампуси и наставни центри на Универзитетот „Гоце Делчев“ во сите градови каде што има настава.

Посетителите ќе имаат можност директно и непосредно да се запознаат со професорите и асистентите на факултетите, да ги видат условите за студирање и начините на настава и ќе можат да присуствуваат на предавања и да ги видат лабораториите на УГД.

Отворените денови се традиционална манифестација што УГД ја организира за сите заинтересирани, а се одржува секогаш пред уписите во новата академска година, со цел на идните студенти да им овозможи полесно да се одлучат за својот избор за факултет.