Отворена веб-страница за бесплатни совети за правно зајакнување на граѓаните

„Правно зајакни“ е нова веб-страница на која може да се најдат корисни информации околу тоа со кои права располага секој граѓанин на Македонија и кои чекори треба да ги преземе доколку се тие прекршени. Страницата, креирана од  Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), има за цел правно да ги зајакне луѓето за тие самостојно да можат да го користат правото за да најдат конкретни решенија за своите правни проблеми, како и да бараат отчетност од властите за сите преземени дејствија што ги засегаат.

Со „Правно зајакни“, граѓаните можат да добијат правен совет за конкретни ситуации во кои се прекршени нивните права, како што се прекин на работниот однос, здравствена заштита, социјална парична помош, семејна пензија и сл. Воедно достапни се и контакти од граѓански организации чија задача е на граѓаните да им помогнат во правната битка, односно да им обезбедат бесплатна правна помош, параправна помош, стратешко застапување и др., контакти кои се од огромно значење за граѓаните, а кои претходно можеби немале каде да ги добијат.

„Пристапот до правда за граѓаните не е секогаш нужно поврзан со долготрајни и скапи судски процедури. Општоприфатен став на јавноста е дека до правдата може да стигнат само граѓаните што се финансиски моќни да го издржат тој долготраен процес, што од почеток ги демотивира припадниците на различни маргинализирани групи како и мнозинството граѓани да побараат правна помош во ситуации кога се прекршени нивните права иако на располагање имаат бројни механизми“, велат од ФООМ.

Оттаму забележуваат дека досегашната практика покажува дека граѓаните засега ја препознаваат само бесплатната правна помош како единствен облик за пристап до правда. Преку новата веб-страница, граѓаните ќе можат да е запознаат и со останатите облици за пристап до правда.

„Наша основна цел е да креираме институционална рамка за правно зајакнување на сите граѓани, со тоа што ќе обезбедиме различни начини за пристап до правда за граѓаните, вклучително и за најмаргинализираните групи во општеството на локално и на национално ниво. Генералната заложба на ФООМ е насочена кон национална имплементација на досегашните практики за правно зајакнување која ќе се реализира преку партнерство меѓу релевантните државни институции, локалните власти и граѓанските организации кои со години работат на полето на правното зајакнување“, велат од ФООМ.