Отворена Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ во чест на Ацо Шопов

Денес, Македонија е во светот, а светот во Македонија. Развојот на странската македонистика веќе се одвива по цврсто утврдена патека на која има јасни патокази за развојот и во времето што следи. Стиховите на великанот Ацо Шопов добиваат и нови значења и толкувања преку посветеноста на македонскиот јазик, литература и култура од страна на странските македонисти – ова се дел од пораките со кои свечено беше отворена Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), пренесува Мета.

На зимската школа учествуваат над 40 странски македонисти од 17 држави и со неа започна чествувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов и остварувањето на националната програма во негова чест, соопштија од УКИМ.

На отворањето на школата се обратија претседателот на државата Стево Пендаровски, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова – Чепишевска.

Школата се одржува виртуелно и има учесници од САД, Кина, Виетнам, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија и други држави. Планирано е да трае до 28 јануари.

Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ за првпат се одржа во 2021 година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.