Отворена регистрацијата за Аматерскиот хуманитарен велеслалом во Маврово

На падините на Маврово годинава по 18-ти пат ќе се одржи традиционалниот Аматерски хуманитарен велеслалом. Од 21-ви до 23-ти февруари, на овој настан ќе учествуваат компании кои, преку котизација, ќе донираат на Фондацијата Импакт, која преку проектот „PAWSITIVE IMPACT” се грижи за бездомни животни.

Собраните пари ќе се искористат за формирање тим за волонтирање и помош во Маврово, подигнување на свесноста за одговорност кон уличните животни, подготовка на информација и на организација на систем за одделување, селектирање, пакување и доставување храна од хотелите на Ресорт Маврово до стационарот за бездомни кучиња Амос Шелтер и на познати локации во село Маврово, стерилизација на бездомните кучиња во Маврово, вакцинирање и прочистување од паразити, акција за вдомување на бездомните животни од Маврово и Амос Шелтер, создавање тим билдинг програма каде општествено одговорни компании може да помогнат во изградба на живеалишта и засолниште за бездомни животни, како и изградба на топли еко-куќарки на различни локации во Маврово каде привремено ќе можат да се стоплат кучињата.

Првиот аматерски хуманитарен натпревар во велеслалом се одржа во 2003 година на ски- лифтот „Галички“, во дисциплините паралелен велеслалом и велеслалом. Тогаш учествуваа 35 тимови со повеќе од 100 учесници. Годинава, котизацијата за пријавување на еден тим изнесува 12.000 денари. Според правилата, секој тим мора да е составен од тројца учесници во две категории – машка и женска и тимот може да биде составен само од скијачи, само бордери или мешано, скијачи и бордери. Во машка категорија има поделба на јуниори – ученици на возраст до 40 години и ветерани кои се на возраст над 40 години.

Пријавувањето за учество е преку електронската адреса: events@bistra.com со назнака ПРИЈАВУВАЊЕ за 18-ти АХВМ, а повеќе детали за пропозициите, правилата и пријавувањето може да најдете на http://skimavrovo.com/node/24