Отворена првата училишна градина во која децата сами ќе произведуваат храна

Во основното училиште „Аврам Писевски“, во Бардовци, се отвори првата училишна градина за одгледување и производство на храна. Со помош на градината, учениците ќе учат како да произведат храна без да ја уништат животната средина, како да се справуваат со отпадот, но и што е здрава исхрана.

Градината беше отворена денеска, за Светскиот ден на храната. Има 11 метри квадратни и е еден вид
лабораторија на отворено . Ја создадоа членовите на Слоу фуд Водно со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и здружението „Ајде Македонија“.

Светскиот ден на храната, оваа година се одржува под мототото „Нашите дејствија се нашата иднина“, при што посебно се става акцент на колективниот напор за подигнување на јавната свест за важноста на здравата исхрана и справување со гладот на светско ниво.

Училишната градина во ООУ „Аврам Писевски“ е дел од проектот „Училишни градини – училници на иднината”, поддржан од Град Скопје. Предвидено е, ако се обезбедат средства, градини да се направат во вкупно осум скопски училишта.