Со презентација на работата на локални граѓански организации и можностите што ги нудат за младите, како и свирка на бендот „The Ringtones“, вчера беше отворена првата регионална МладиХаб канцеларија во Штип.
Новата канцеларија се наоѓа во просториите на Центарот за култура „Ацо Шопов” и ќе служи како простор за работа, вмрежување и организирање на активности, кој бесплатно ќе им стои на располагање на младите во регионот.
Воедно, МладиХаб, Штип ќе биде и место каде младите ќе можат да се информираат за тековни проекти, мерки и активности наменети за помош и поддршка за млади.
„Уште од самиот почеток на проектот, целиме да го прошириме опфатот на нашите активности кон што повеќе региони со цел да вклучиме млади од цела територија на државата”, велат од Националниот младински совет на Македонија.
Првата МладиХаб канцеларија во Скопје е во функција повеќе од 2 години и се користи од младите како простор за организирање на состаноци, средби, работилници и настани. Дополнително, Националниот младински совет и организациите-членки го користат хабот за да организираат настани и активности за вмрежување наменети за млади лица.
„Веруваме дека и оваа канцеларија ќе донесе многу нови можности кои ќе помогнат да се премости јазот помеѓу младите во Источниот регион и локалните институции и организации кои сакаат да ги поддржат”, појаснија од НМСМ.