Отворена петиција „Спас на паркот во Тафталиџе 2“, Општина Карпош вели дека граѓаните веќе се согласиле за игралиште

Преку социјалните мрежи почна да се шири онлајн петиција со наслов „Да го зачуваме последното зеленило во Карпош! Петиција за спас на паркот во Тафталиџе 2“.

Во петицијата, на која досега се потпишани околу 350 граѓани, стои дека Општина Карпош ќе гради спортски терен на улица „Женевска“, позади ЗЕЛС.

„Жителите во непосредна близина на паркот се против, но според некаква си анкета од страна на Општината повеќето жителите биле ‘ЗА’ изградба на спортски терен. Притоа не е направена јавна презентација, ниту сме јавно информирани за ова. Затоа ги повикуваме сите жители на Општина Карпош да ја потпишат оваа петиција со цел да го зачуваме последното зеленило во Карпош, а и да докажеме дека анкетата не е веродостојна. Имаме доволно спортски терени и игралишта. На 200 метри е ОУ ‘Братство’ кое има спортски терени. Нам ни е потребно зеленило!“, стои во петицијата.

Од Општина Карпош за Радио МОФ потврдуваат дека на посочената локација е предвидено игралиште за кошарка, кое ќе биде изградено од Агенцијата за млади и спорт.

За изведбата на ова игралиште, велат од таму, општината спровела анкета на 3 и 4 март кај засегнатите граѓани, домаќинствата кои живеат во околината.

„Од анкетираните домаќинства, станови, 36 домаќинства се изјасниле ‘ЗА’ изведба на игралиштето, а две домаќинства биле против, едно домаќинство не се изјаснило и едно домаќинство не отворало затоа што во истото живеат постари и изнемоштени лица. Службите од урбаната заедница во повеќе наврати ги посетуваа и домаќинствата кои не отвораат, со цел да се дојде до порепрезентативна анкета“, велат од Одделението за односи со јавност на Карпош.

Според општинарите, секој претставник од домаќинството е потпишан со свое име и презиме и своерачен потпис и оваа документација се чува во општината.

„Според резултатите, мнозинството граѓани се согласни на посочената локација да има игралиште за кошарка. Сепак, општина Карпош ќе организира повторна консултација со претседателите на заедниците на сопственици, со цел да се донесе финална одлука, но и да се разјаснат дилемите“, велат од Карпош.

Б.Ш.