Отворена петиција „Добивање на статус родител – негувател на еден од родителите на лице со попреченост“

Преку социјалните мрежи меѓу граѓаните се шири петиција со име „Добивање на статус родител – негувател на еден од родителите на лице со попреченост“.

Иницијаторка на петицијата е Анче Туфекчиева, која потсетува дека во нашата земја мајката /таткото на дете со попреченост не се признаени со закон.

„Ни треба закон за родител – негувател! Ние не сме згрижувачи, ние сме биолошки родители кои ги негуваат своите деца со попреченост 24 часа на ден, со години, со децении… без плата, без осигурување, без пензија…“, посочува Анче Туфекчиева.

Според неа, многу од родителите не можат да работат затоа што нема кој да го гледа детето.

„Не можеме да одиме на лекар, не можеме дури и да легнеме кога ќе се разболиме, не можеме ни да одиме на вечера со пријатели ако нема кој да се грижи за нашето дете.
И секоја чест на секој Згрижувач на дете со попреченост, им се поклонувам до земја… Но дали мислите дека и ние не треба да сме подеднакво исти и рамноправни како биолошки родители?“, прашува таа.

Но, вели таа „ние си молчиме, бидејќи немаме време да викаме затоа што секојдневната борба ни е поважна од било што“.

„И гледајќи што секојдневно ни се случува и дека хуманоста веќе оддамна ја нема таму каде што се носат одлуките, мислам дека е време да го кренеме нашиот глас. И не, оваа приказна не е само за мене и Верче и за нашето семејство оваа приказна е секојдневие на повеќе од 200. 000 семејства во нашата држава, а да не зборуваме за мајките со попреченост кои покрај својата попреченост подариле живот и нив никаде ги нема“, посочува таа.

Нашите семејства, нагласува Туфекчиева, не се социјални случаи, туку се херои кои секојдневно системот ги гази.

„Мислам дека е време да се организираме и да добиеме статус на родител – негувател! Можеби ќе ни биде потребно многу време но да го направиме тоа за секое семејство на лице со попреченост! Да го направиме тоа за идните генерации! Очекуваме поддршка од сите“, пишува иницијаторката на петицијата.

Бојан Шашевски