Отворена изложбата „Современа скулптура“ во АРТ ХАБ во Скопје

Друштвото на ликовни уметници на Македонија ја поставува изложбата „Современа скулптура“ во уметничкиот центар АРТ ХАБ, ГТЦ 2 кат локал 306, во Скопје, којашто љубителите на уметноста ќе може да ја видат од денес, па до 8 март.

Изложбата може да се посети во работно време на галеријата, односно од понеделник до петок од 10 -17 часот.

Во неа учествуваат:  Александар Јанев, Ана Димчевска Семенпеева, Ангел Димовски Чауш, Ива Станковска, Љупчо Бојаров, Маја Танева, Марина Цветановска Мартиновска, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски, Слободан Милошески и Златко Бојковски.

На изложбата се доделува парична награда од семејството на истакнатиот скулптор Боро Митриќевски која што го носи неговото име. Оваа година добитник на наградата е скулпторот Слободан Милошески за делото со наслов „Воздигување“.

Оваа година, селектор на изложбата „Современа скулптура“ е историчарот на уметност Благоја Варошанец којшто истакнува:

„Анализите на современата скулптура како дел од континуираните изложби на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, покажуваат дека изложбата Ситна пластика од почетокот на 80-те години на минатиот век, подоцна еволуира во Современа скулптура и има несекојдневна и необична приказна, односно историјат директно поврзан со начинот на нејзиното конституирање, но и со начинот на нејзината изложбена интерпретација. Современата македонска скулптура, од самите почетоци на модерниот израз, ги носи сите атрибути на жива, менлива материја, која дава можност за различни „варијации“ во изложбената поставка“.

Изложбата се организира под покровителство на Министерството за култура на Р.С.Македонија.