Отворена изложбата „Црногорски филмски плакат“во Кинотека

Во Кинотеката на Северна Македонија, вчера (3 март) се отвори изложбата „Црногорски филмски плакат“.

Во фоајето на Кинотеката се изложени 40-тина плакати на филмови од црногорската кинематографија, но и копродукциски проекти – реализирани главно во втората половина на дваесеттиот век, но и од поновиот период. Повеќето од изложените експонати се дел од единствената оригинална колекција на филмскиот режисер Момир Матовиќ, како резултат на неговото децениско трагање по кинотечните архиви, библиотеки, архивите на филмските продуценти и дистрибутери, а некои се откупени од приватни колекционери.

„Црногорската кинематографија, во текот на своето создавање, по Втората светска војна, опстанокот и денешното битисување, со продуцираните филмови, изборот на темите, визуелниот идентитет, наградите и признанијата на домашните и светските фестивали, стана незаобиколен сегмент од црногорското културно наследство.“ – се вели во предговорот на монографијата „Црногорски филмски плакат“.

Изложбата „Црногорски филмски плакат“ е своевиденвиртуелен музеј на црногорската кинематографија во кој можете да сретнете разни филмски стилови и теми, од разни автори (меѓу другите: Живко Николиќ, Здравко Велимировиќ, Вељко Булаиќ,итн.), какои мноштво врвни црногорски и и екс-југословенски актери, но и некогашните филмски ѕвезди – и од Истокот (Сергеј Бондарчук) и од Западот (Џозефина Чаплин).