Отворена изложбата „Ана Франк – лекции за сегашноста“

Со свечено отворање на изложбата „Ана Франк – лекции за сегашноста“ и комеморативна церемонија во Министерството за надворешни работи, денес (27 јануари) беше одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.

Патувачката изложба „Ана Франк – лекции за сегашноста“ претставува збир од триесет и девет изложбени панели на кои се прикажани детали од животот на Ана и нејзиното семејство во Втората светска војна. Во неа има и панели креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по војната до денес, а се изработени од Мишо Докмановиќ и Бесник Емини. Карактеристично е што водичи за посетителите ќе бидат волонтери, средношколци кои поминале обука да ја раскажат приказната на Ана Франк.

„Ана Франк во својот дневник напишала дека сака да му служи на човештвото, на возраст од прилика колку вас (обраќајќи се на учениците). А вие, учениците, според мене сте најдобриот дел од овој проект. Во присуство на многу „обични“ амбасадори, би сакал да кажам дека вие сте вистинските амбасадори на нејзините идеали, верувања и добрина“, изјави при своето обраќање амбасадорот на  Кралството Холандија во Македонија, Вилем Воутер Пломп. Холандија е актуелен претседавач со Европската унија, која финансиски го помогна проектот „Ана Франк – лекции за денешнината“.

На комеморацијата се обрати и претседателот на Собранието на Еврејската заедница на Македонија, Александар Петровски.

„Ова е ден на кој се сеќаваме на милионите кои биле убиени и на оние чиишто животи се смениле од корен за време на холокаустот и нацистичкиот режим. Денес се потсетуваме на лекциите од минатото, но и на фактот дека геноцидот не се случува сам по себе, туку е процес кој може да се развие ако не ги препознаеме и спречиме дискриминацијата, ксенофобијата и омразата“, вели Александар Петровски, претседател на Собранието на Еврејската заедница на Македонија.

Петровски додава и дека единствен начин да се спречи сличен настан во иднината е идните генерации да бидат навремено и добро запознаени со геноцидот и неговото значење во историјата.

Од вкупно шест милиони Евреи кои биле погубени за време на Втората светска војна, 7144 биле депортирани од Македонија. Тоа се 98 посто од вкупното еврејско население во Македонија во 1943 година.

На денешната комеморација се обратија и амбасадорот на Израел, Дан Оријан, амбасадорот на Унгарија, Јозеф Бенце, шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, заменик-министерката за надворешни работи, Драгана Кипријанова и извршната директорка на Младинскиот образовен форум, Дона Костуранова.

„Ана Франк – историја за денешнината“ досега има посетено четириесетина земји. Во Скопје за јавноста ќе биде отворена на 4 февруари, во 19 часот во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Таму ќе биде поставена во текот на февруари, а влезот ќе биде бесплатен.

Во текот на годината изложбата ќе патува низ повеќе градови во Македонија. Во Македонија е отворена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за денес“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам.

С.Т