Отворен третиот јавен повик „Предизвик за млади истражувачи“

Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование по трет пат објавува јавен повик „Предизвик за млади истражувачи“ чија цел е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.

Повикот е наменет за сите основни и средни училишта, а истражувачките проекти на кои треба да работат деца во тимови од три до седум ученици предводени од ментори, треба да се од областите на природните и техничките науки. Процесот на истражување треба да се заснова на „научен метод“,односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а предложените проекти треба да дадат видливи резултати.
Предност имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите (имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично) и се поднесени од училишта од рурални средини.

Вкупниот буџет изнесува 6.000.000 (шест милиони) денари. Буџетот на поединечен предлог проект е до 300.000 (триста илјади) денари, односно дополнителни 30.000 денари за  ментори, наменети за обуки, семинари, конференции што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.

„Предизвик за млади истражувачи“ се објавува по трет пат.  До сега биле поддржани 54 училишта кои работат на вакви проекти а во кој се вклучени околу 500 ученици и професори.