Отворен тендер за избор за технологија за отстранување на линданот од малата депонија во ОХИС

До 11 ноември ќе биде отворен меѓународниот тендер за избор на технологија за отстранување на HCH отпад (линдан и неговите изомери) од кругот на фабриката ОХИС во Скопје.

Од Македонското еколошко друштво (МЕД) информираат дека проектната Канцеларија за неразградливи органски загадувачи (POPs) во изминатиот период ја комплетираше документацијата за објавување повик за меѓународен тендер од УНИДО (UNIDO – United Nations Industrial Development Organization).

Целта, велат од МЕД, е да се избере најдобро решение/технологија за деконтаминација на малата депонија со HCH отпад сместена кај ОХИС.

Тендерот е објавен на 15 октомври, а периодот за доставување понуди трае до 11 ноември.

„По пристигнувањето на понудите, ќе биде формирана комисија од страна на UNIDO, составена од меѓународни и национални експерти, која ќе ја избере најдобрата понуда, а по што ќе следат активности за започнување со работа на терен (обезбедување потребна документација, обезбедување на просторот и превентивни мерки за заштита на околината и конечно започнување со чистењето)“, информираат од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи (POPs) при МЖСПП.

Со чистењето на локациите контаминирани со HCH и со другите придружни загадувачи, дополнуваат од МЕД, ќе се намали и/или елиминира емисијата на овие загадувачи во околината.

„Исто така, ремедијацијата на контаминираните локации во ОХИС ќе овозможи услови за ревитализација на земјиштето, односно негово повторно користење за индустриски намени со што ќе се креира позитивен амбиент за привлекување на инвестиции во оваа област, а кои ќе резултираат и со можности за нови вработувања“, се вели во соопштението.

Инаку, Македонското еколошко друштво (МЕД) е носител на активностите за подигнување на јавната свест за влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина и процесот за неговото отстранување од ОХИС и правилно справување.

Напоменуваат дека активностите се спроведуваат во координација со Канцеларијата за POPs и ресорното на Министерството за животна средина, во рамки на повеќегодишениот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и имплементиран преку УНИДО со национална контрибуција од Владата на Република Северна Македонија.

„По изборот на фирма понудувач од страна на меѓународната изборна комисија, МЕД ќе продолжи со активностите за информирање на јавноста и локалното население, за начинот на отстранување на HCH отпадот од малата депонија во дворот на поранешната фабрика ОХИС преку организирање на повеќе јавни настани“, велат од МЕД.